
Повеќе од 30 занаетчии, независни брендови, љубители на vintage парчиња и млади креативци ќе учествуваат на Artisan Sunday + Bazaar настанот што ќе се одржи денеска од 12 до 18 часот, во просторот на Културно едукативниот центар „Лабораториум“ во Скопје.
Настанот е организиран од Re:store маркет како отворена летна зона за инспирација, заедништво и добра музика, а добредојдени се и миленичињата.
-Artisan Sunday + Bazaar има за цел да го поддржи локалното творештво, реупотребата и урбаната култура преку динамична, позитивна средина која ги поврзува луѓето, идеите и добриот стил на живот. Ова издание носи вистинска летна атмосфера – со нови модни парчиња, музика од винили и cd-a, уметнички работилници и улична храна, во урбана и опуштена околина отворена за сите генерации, најавуваат организаторите.
Во програмата меѓу другото, е вклучена и креативна мозаик работилница со уметницата Martina Cameloon за изработка на мини мозаик дела со мали плочки.