Банките се уште не испратиле понуда за изградба на пругата од Коридорот 10 до министерството за финансии. Министерката Гордана Димитриеска Кочоска изјави дека министерството има испратено понуди до 24 банки, а рокот е продолжен до седми јули. Кочоска потенцира дека целиот проект е комплексен и на банките им треба време за да ги анализираат сите работи.
Гордана Димитриеска Кочоска-министерка за финансии
„Интересот е многу голем. Ние пуштиме барање за понуда до 22 институции, дополнително ни се јавија уште две кои побараа да им пуштиме понуди до нив. Нормално дека во интерес на државата, ние треба да обезбедиме понуди и што е можно пониска цена за железничката пруга. Има многу прашања, заради тоа го продолживме и рокот до 7.07.2025г. Неслучајно, станува збор за еден комплексен проект, поготово што станува збор и за проект за финансирање.
И додека се чекаат понудите од надвор, во земјава се уште трае дебатата дали на Македонија и е потребна инвестиција во пругата или во проектот Вардарска долина.. Според Дејан Трајковски, професор на Техничкиот факултет во Битола пругата ќе генерира загуби, а изградбата на хидорцентралите на Вардар профит…
Дејан Трајковски-професор на Технички факултет-Битола
„Немало толку храбри луѓе на власт. Сега ние имаме храбра власт и најдобронамерно можам да им порачам, не е ова критика дека јас ги мразам напротив. Сакам да им кажам дека има алтернатива-профитабилна. Наместо да имате загуба од три милјарди и четиристотини, вие за дваесет години ќе имате исплатена вардарска долина што ќе носи во иднина чист профит и 825 милиони добивка, што ќе се искачи до 18 милјарди евра.“
Во меѓувреме, власта најавува интензивирање на двата коридори 10 и 8 – министерот за транспорт, Александар Николовски во рамки на форумот „Глобална транспортна поврзаност“ во Истанбул на средба со вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Бугарија, Гроздан Караџов. Фокус на истата-Коридорот 8. Николовски и Караџов дошле до заклучок дека треба да се испратат експерти да бидат дел од состанокот за Коридор 8 што ќе се одржи во јули, а го организира Европската Комисија.
Министерство за транспорт
„Овој проект има регионална димензија, каде покрај економското значење, се наметнува и прашањето за стратешкото позиционирање на НАТО Алијансата преку поврзување на Јадранското и Црното море. Двајцата соговорници се согласија за нова средба во периодот кој следи со цел заеднички да се усогласи текстот на Договорот со кој ќе се постигне согласност за изградба на заедничкиот тунел којшто треба да ги поврзе Македонија и Бугарија со што ќе се придвижат работите за реализација на железничкиот Коридор 8.“
Во март 2023 година се потпиша договорот за изградба на четири нови автопатски делници на Коридорите 8 и 10д. Проектот за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10д, тежок 1,2 милијарди евра, го доби Бехтел и Енка и од почетокот го следеа контроверзии, од обвинувања за корупција до протести поради загадување или експропријација на земјиште.