дома Македонија Економија Утре стартува расправата во Собрание за ребалансот на буџетот

Утре стартува расправата во Собрание за ребалансот на буџетот

Новиот ребаланс на буџетот ќе донесе зголемување на државните расходи, што може да ја продолжи инфлацијата и во наредната година, предупредува Институтот за економски истражувања „Фајнанс тинк“.

Оттаму алармираат дека планираниот раст на приходите од даноци е преголем и веројатно нема да се оствари во целост, додека зголемувањето на платите и пензиите е главен извор на притисоци врз јавните финансии и стабилноста на економијата.

„Овие укажувања се материјализираа, бидејќи инфлацијата во првите пет месеци од 2025. година изнесува 3,7 проценти и останува високо упорна, и покрај рестриктивната монетарна политика и владините мерки за замрзнување на маржите и цените во сегментот храна. Со зајакнувањето на експанзивноста на фискалната политика, преку ребалансот на Буџетот, упорноста на инфлацијата ќе остане и во следниот период.“

Покрај тоа, „Фајнанс тинк“ посочува дека растот на трошоците за стоки и услуги е голем, а дел од овие средства се користат за договори на дело, што може да доведе до неправилности особено во изборна година. Од друга страна, опозицискиот СДСМ подготвува над 160 амандмани на ребалансот, меѓу кои е и барањето за издвојување на 20 милиони евра за помош на семејствата на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани.

„Да се обезбедат средства во износ од 934.340.000 денари за финансиска поддршка за повредените и семејствата на починатите лица по несреќата во дискотеката во Кочани. Да се обезбедат финансиски средства во износ од 305.040.000 денари за семејствата на лицата кое го загубиле животот како директна последица од несреќата. Ова е една од најголемите трагедии во поновата историја на државата, со длабоки човечки, социјални и економски последици за целото општество. Лицата кои се здобиле со траен инвалидитет како резултат на несреќата имаат право на еднократен паричен надоместок во висина пропорционална на утврдениот степен на инвалидитет.“

Дополнително, со два други амандмани партијата бара околу 30 милиони евра за зголемување на надоместоците за гарантирана минимална помош, лица со попреченост, туѓа нега, како и за додатоци за новороденчиња и деца. Новото прераспределување на буџетот, кое е на пленарна седница на Собрание утре, предвидува повеќе пари за сервисирање долгови, покривање штети од елементарни непогоди и финансирање на проекти од ИПА програмата.

Повеќе пари се одвојуваат за плати во Кабинетот на претседателот, Агенцијата за разузнавање, МВР и судската власт, а во некои министерства се забележуваат и зголемувања на капиталните расходи. Сепак, капиталните инвестиции остануваат на исто ниво како во претходниот буџет, а реализацијата до мај изнесува само петтина од планираните средства. Дефицитот останува 4 проценти од БДП, а Министерството за финансии тврди дека јавниот долг нема да надмине 62 проценти од БДП.

Предходна(ВИДЕО) Пожари кај Марвинци и Фурка – се бара хеликоптерска поддршка
СледнаАрсовска со писмо до ЕУ: „Во Македонија мафијата има држава“