
Индонезиските власти ја засилија потрагата по 30 лица исчезнати откако потона ферибот кај туристичкиот остров Бали.
Бродот „Туну Пратама Џаја“ потона речиси половина час откако го напушти пристаништето Катапанг, на островот Јава, доцна во средата. Се упатуваше кон островот Бали, оддалечен пет километри.
Операцијата за пребарување и спасување беше прекината синоќа поради проблеми со видливоста и продолжи рано утрово. Повеќе од 160 спасувачи, вклучувајќи полицајци и војници, учествуваат во операцијата, изјави Рибут Еко Сујатно, заменик-шеф на Националната агенција за пребарување и спасување.
Три хеликоптери со термални дронови беа испратени да спроведат воздушно пребарување над водите на Балискиот теснец, а 20 бродови беа вклучени во потрагата по вода, рече Сујатно.
Прогнозите за денеска покажуваат силни турбуленции во теснецот, па затоа малите спасувачки чамци ќе бидат заменети со три воени бродови, додаде тој.
Објавени се и имињата на 29-те преживеани и шест лица за кои е потврдено дека се мртви.
Индонезиските власти продолжуваат да ја истражуваат причината за несреќата. Преживеаните рекоа дека се чини дека имало истекување во машинската просторија на фериботот, кој превезувал 22 возила, вклучувајќи 14 камиони.