Италија и Германија наводно се заканија дека ќе се повлечат од Евровизија доколку на Израел му биде забрането учеството.

За Евровизија, како и за самото натпреварување, но и за овој проблем, се дискутирало на генералното собрание на Европската радиодифузна унија, која е организатор на музичкото натпреварување.
Европската радиодифузна унија (ЕБУ) го започна своето 94-то Генерално собрание во четвртокот. Една од главните теми на дискусија беше влијанието на глобалната политика врз Евровизија, а особено учеството на Израел.
Континуираното учество на земјата во натпреварувањето беше во центарот на многу дебати и протести во текот на изминатите две години.
Во разговор за „N12News“, Амир Алон, поранешен член на израелската делегација на Евровизија, тврдеше дека јавните радиодифузери на Италија и Германија се заканиле дека ќе се повлечат од Евровизија доколку Израел биде исклучен без јасна законска основа, пренесува „Јуровижн фан“ (Еurovision fun).
КАН тврди дека целосно ги почитува прописите на ЕБУ и ја нагласува својата уредничка независност од израелската влада. Оваа поента беше потврдена од самата ЕБУ во официјална изјава по нејзиното последно Генерално собрание.
Овој став го разликува случајот на Израел од случајот на Русија и Белорусија, чии јавни радиодифузери се сметаа за пропагандни алатки на нивните режими.




