Продадена е вила во близина на Париз, која некогаш била во сопственост на покојниот моден дизајнер Карл Лагерфелд.
Вилата од 19. век, која била во сопственост на легендарниот креатор Карл Лагерфелд, била продадена за 4,7 милиони евра, односно 5.5 милиони долари дознава „Артнет“.
Неокласичната вила, „Павилјон де Вуасенс“, која се наоѓа на 16 километри од Париз, во парк од пет хектари, ја купил Лагерфелд во 2010 година и темелно ја реновирал во текот на четири години, правејќи ја целосно модерна.
Реплика на спална соба за момче
На приземјето од куќата, поранешниот креативен директор на модната куќа „Шанел“ уредил совршена реплика на својата детска спална соба во Хамбург, но никогаш не спиел таму, туку во ултрамодерната стаклена куќа што ја изградил покрај базенот. Дизајнерското студио се наоѓа на првиот кат.
Во близина, тој изградил игралиште за својата бурманска мачка Шупет, на која во својот тестамент ѝ оставил 1,3 милиони евра за да може да продолжи да живее луксузно.

Место на инспирација
Од смртта на дизајнерот, имотот е напуштен, го купила компанијата за недвижности „Аријас“, која го одржувала и го ставила на пазарот.
„Павилион де Вуасенс“ бил продаден на аукција со свеќи, на која времето на продажбата се мери со палење на две мали свеќи, секоја со времетраење од 15 секунди. Праксата датира од 15 век и сè уште е честа во Франција. Зградата била продадена малку над проценката.
Лагерфелд не живеел во куќата, но често доаѓал и угостувал драги личности. Тоа било и местото на неговата инспирација.
Имотот на аукции
Лагерфелд поседувал најмалку 20 куќи, расфрлани од двете страни на Атлантикот. Неговиот стан во Париз од 260 квадратни метри, со поглед на Сена и „Лувр“, беше продаден во март 2024 година за 9,2 милиони евра, што е речиси двојно повеќе од бараната цена.