Американскиот државен секретар Марко Рубио ќе се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на ASEAN во Куала Лумпур во четврток, изјави висок функционер на американскиот Стејт департмент.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека е планирана средба меѓу рускиот министер Лавров и американскиот државен секретар Рубио.
„Можам да потврдам: таква средба се подготвува“, изјави Захарова за руската новинска агенција ТАСС во коментари објавени рано во четврток.
Тоа би била втора средба тет-а-тет меѓу Рубио и Лавров, а доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп станува сè пофрустриран од рускиот претседател Владимир Путин додека војната во Украина се одолговлекува.
Трамп, кој се врати на власт оваа година, меѓу другото ветувајќи и брз крај на војната што започна во 2022 година, зазеде попомирувачки тон кон Москва, отстапувајќи од цврстата поддршка за Киев од неговиот претходник Џо Бајден.
Но, во вторник, ден откако Трамп одобри испраќање американско одбранбено оружје во Украина, тој упати невообичаено директна критика кон Путин, нарекувајќи ги тврдењата на челникот на Кремљ за напредок кон мирот „бесмислени“.
Трамп, исто така, рече дека размислува да поддржи закон што ќе воведе строги санкции врз Русија, вклучително и царини од 500 отсто за земјите што купуваат руска нафта, гас, ураниум и друг извоз. Меѓутоа, не кажа дали самите САД ќе престанат да ги купуваат овие енергенси и ретките минерали.
Кога беше прашан за критиките на Трамп кон Путин, во средата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека Москва е „спокојна“ во врска со критиките и ќе продолжи да се обидува да ги поправи „нарушените“ односи меѓу САД и Русија.
На конференцијата на земјите коишто воено ја поддржуваат Украина во Рим во средата, претставникот на Трамп за Украина, Кит Келог, се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски за она што Киев го опиша како „суштински“ разговор.