Од денеска попладне до недела во Галичник ќе се одржува традиционалната Галичка свадба на која годинава младенци се Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски. Нивната венчавка во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник, со извршување на вековните свадбени обичаи и обреди, ќе биде в недела, 13 јули, што е и централен настан на манифестацијата.
Организаторот на Галичката свадба – Месната заедница Галичник, најави богата тридневна програма, која ќе почне вечер во амфитеатарот пред чешмата Упија со монодрама во чест на Ѓорѓија Пулевски и 150 години од издавањето на неговиот „Речник на три јазика“ (Тријазичникот), со настап на актерот Рубенс Муратовски. Текст за претставата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“ е напишан од Миле Бошњаковски и е на автентичен мијачки говор, а режисер на монодрамата е Бојан Трифуновски.
По премиерата вечер во Галичник ќе има забава со диџеј за помладите посетители, а од утре почнуваат свадбарските обичаи – пречек на тапаните, китење и поставување на свадбениот бајрак, симболичното „фрлање пушка“ од куќата на зетот и изведбата на свекрвиното оро.
Како што најави организаторот, особено впечатлив момент ќе бидат ората кои го симболизираат печалбарството и непокорот на луѓето од овој печалбарски крај – „Невестинското“ и „Тешкото“ на националниот фолклорен ансамбл „Танец“, на платото пред чешмата Упија. Во вечерните часови утре невестата, придружувана од свадбарите ќе оди да полни вода – обичај поврзан со семејната среќа.
Годинашните невеста и зет Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски на прес-конференцијата минатата недела истакнаа дека учеството во манифестацијата за нив претставува исполнување на животниот сон. Јован е потомок на старото галичко семејство Филипоски и, како што рече, уште од мал мечтаел да биде зет на Галичката свадба.
-Оваа традиција треба да се негува. Мене ми беше пренесена од моите баба и дедо, а потоа и од моите родители кои секоја година учествуваат и се дел од традицијата. Честа е огромна и се надевам дека што повеќе посетители ќе дојдат и ќе ја видат оваа убава традиција – изјави Филипоски.
Невестата Михајлоска рече дека честа е голема, но исто така и одговорноста доследно да се пренесе традицијата.
-Огромна чест и задоволство е што сме избрани за невеста и зет, се чувствуваме среќно и гордо. Но, истовремено, голема е одговорноста доследно да се пренесе оваа традиција, веруваме дека сè ќе помине во најдобар ред – рече Михајлоска.
Претседателот на Месна заедница Галичник, Огнен Караѓозовски, на прес-конференцијата изрази задоволство што сè уште постои интерес кај младите да бидат дел од оваа манифестација.
Институционален покровител на „Галичката свадба“ е претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, поддржувач е Министерството за култура и туризам, а „Пивара Скопје“ веќе 50 години е партнер во организирањето на манифестацијата.