дома Живот Лесни, освежителни и исклучително вкусни: Рецепт за лимон коцки со грчки јогурт

Лесни, освежителни и исклучително вкусни: Рецепт за лимон коцки со грчки јогурт

Лимон коцките со грчки јогурт се лесен и не премногу сладок колач кој се подготвува брзо и едноставно. Освежителната лимон-крема лежи врз тенка кора од грчки кекси и совршено се спојува кога ќе се вкуси, пишува „Пун куфер“.

Овој десерт е речиси невозможен за да се згреши при подготовка – единствено важно е состојките да бидат на собна температура. Доколку сакате, наместо лимон може да користите лимета и ќе добиете сосема нов вкус.

Потребни состојки:

За кората:

  • 120 г бисквити, смелени
  • 1 лажица шеќер
  • 45 г путер, растопен

За кремата:

  • 170 г крем-сирење
  • 180 г грчки јогурт
  • 2 големи јајца
  • 1 жолчка
  • 65 г шеќер
  • 80 мл свеж сок од лимон
  • 1 лажица рендана кора од лимон
  • 1 лажичка екстракт од ванила
  • Кришки лимон и свежи боровинки или малини, по желба, за декорација

Подготовка:

Загрејте ја рерната на 150 степени. Обложете квадратен калап за печење (20×20 см) со хартија за печење.

Во сад измешајте ги мелените бисквити и шеќерот. Додајте го растопениот путер и мешајте додека смесата не се соедини. Притиснете ја смесата во дното на подготвениот калап. Печете 8 минути, извадете и оставете малку да се излади.

Во друг сад изматете го крем-сирењето со миксер на висока брзина околу 1 минута. Додајте го јогуртот и мешајте на нешто пониска брзина. Додајте ги јајцата и жолчката и продолжете да матите додека не добиете хомогена смеса. Додајте го шеќерот, сокот и кората од лимон, како и ванилата. Мешајте додека не стане мазно и без грутки. Истурете ја смесата врз испечената кора. Печете 34–38 минути, или додека средината не се стегне, но да не биде целосно цврста.

Извадете го калапот и оставете го да се излади на решетка 1 час, потоа ставете го во фрижидер. Ладете го колачот 3–4 часа или преку ноќ.

Исечете го на коцки и украсете по желба.

На здравје!

ПредходнаБранко Видаковиќ заврши во болница поради предозирање? Актерот се огласи и откри како се чувствува!
СледнаКако кафето влијае на лошиот холестерол и кои органи потенцијално може да ги заштити?