Во шпанското село Кабралес, мало парче сирење успеа да испише историја и тоа благодарение на својот интензивен вкус, уникатна боја и рекордна цена. Сирењето Кабралес, прочуено сино сирење од северот на Шпанија, беше продадено на аукција за импресивни 42.232 американски долари, со што официјално го доби признанието од Гинисовата книга на рекорди како најскапо сирење некогаш продадено на јавна лицитација, објави „Њујорк пост“.
Победничкото парче, тешко околу 2,3 килограми, го произведе млекарницата „Анхел Дијас Ереро“. Тоа зрее десет месеци во природна пештера од варовник, на голема надморска височина, што му дава специфична зелено-сина боја и остар, солен вкус. Произведено е од мешавина на сурово кравјо, козјо и овчо млеко, тајна што го прави сирењето Кабралес вистинска гастрономска реликвија.
Сирењето беше продадено на сопственикот на ресторанот „Ел Љагар де Кољото“, Иван Суарес, кој веќе неколку години по ред учествува и победува на аукциите што се одржуваат во рамки на традиционалниот натпревар „Најдобро сирење“, настан кој оваа година се одржа по 52. пат.
На натпреварот учествуваа 15 млекарници со свои најдобри производи, а стручната жири-комисија го избра победничкото сирење, кое традиционално се нуди на аукција по изборот.