
Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по жалба на Основното јавно обвинителство Скопје поднесена против решение на судија на претходна постапка од 12.07.2025 година, ценејќи ги наводите во жалбата како и одговорот на жалба, донесе решение со кое жалбата е основана и мерката куќен притвор за осомничениот С.Љ. ја замени со мерка притвор, за нападот врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
По доставеното решение, од надлежната Полициска станица добиено е известување дека лицето е веќе спроведено во Затворот Скопје, информираат од Кривичниот суд.
За инцидентот во Чаир, осомничено е уште едно лице, на кого му беа одредени мерки за претпазливост. Арсовска е под 24-часовно полициско обезбедување. Инцидентот со Арсовска во Чаир се случи кога таа заедно со вработени од градската администрација била во увид на објект кој нелегално се гради.
Според Обвинителството, првоосомничениот, кој се претставил како сопственик на нелегален објект во градба, ја навредувал и ѝ се заканувал на градоначалничката, а потоа и физички ја нападнал додека таа, заедно со вработени од градските служби, вршела вонреден надзор на терен по добиена пријава.




