Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови.
Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно неверојатно гастрономско уживање – т. н. пролетни ролни (spring rolls) со ракчиња и оризови нудли.
Состојки:
– оризова хартија (можете да ја најдете во нашите маркети)
– 200 грама ракчиња (смрзнати)
– оризови нудли
– 1/4 од мала главица црвена зелка
– 2 средни моркови
– 1 црвена пиперка
– босилек свеж
– магдонос
– марула, неколку листови
За сосот:
– 2 лажици путер од кикиритки
– 2 лажици соја сос
– 1 лажица балсамико оцет
– 1 лажица маслиново масло
– малку вода да се разреди смесата ако е многу густа
– сусам (опционално)
Подготовка:
* Започнуваме со подготовка на нудлите.
* Ставете вода во тенџерче и 2 лажици сол. Кога ќе почне да врие водата потопете ги нудлите во неа и исклучете ја ринглата. Наместете аларм на 4 минути. Измешајте ги нудлите и исцедете ја водата. Исплакнете со ладна вода да се запре процесот на готвење и измешајте ги со рака да се разделат убаво.
* Во друго тенџере на оган ставете 1 лажица сол и варете ги ракчињата 10-15 минути. Исцедете ја водата.
* Исечкајте го зеленчукот на тенки стапчиња.
* Наполнете сад со ладна вода. Секој лист оризова хартија потопете го во водата 4,5 секунди и ставете го на чинија. Ставете три-четири ракчиња, по малку од сечканите зеленчуци, од оризовите нудли, магдонос и босилек. Одозгора станете еден лист марула за дополнителна крцкавост и да ги држи состојките додека ги виткате ролничките.
За сосот измешајте ги сите состојки и на крај додадете малку сусам.
Исечете ги ролничките на половина и послужете со сосот.