Милионерот и земјоделец Џозеф Гроган (75) од ирскиот град Туламор, починал ненадејно – само еден ден откако во целосна тајност се оженил со својата негувателка, 50-годишната Лиза Флахерти. Церемонијата се одржала без присуство на семејството, кое наводно дури и не знаело дека помеѓу нив двајца постои емотивна врска, пишува британски „Сан“.

Лиза Флахерти сега треба да ја наследи неговата фарма од 220 хектари, која се проценува на 5,5 милиони евра (4,77 милиони фунти).
На Гроган му бил дијагностициран не-Хочкинов лимфом во четврта фаза на почетокот на јануари 2023 година. Тој поминал низ четири циклуси хемотерапија и добил инфекции по двете од нив. Меѓутоа, судот слушнал дека добро реагирал на терапијата.
Гроган починал во својот дом околу 15 часот на 15 април 2023 година, еден ден откако се оженил со Флахерти во канцеларијата на матичарот.
Вештакот рекол дека смртта најверојатно настапила поради „веројатна инфекција“, бидејќи неговиот имунолошки систем бил ослабен.
Адвокатот Дамин Танси, кој ги застапувал роднините на Гроган, барал Гардата (ирската полиција) да спроведе форензичка истрага пред вештакот да донесе одлука. Меѓутоа, судијата Махон го отфрлил тој предлог.
Според зборовите на адвокатот Танси, смртта на Гроган, која тој ја опиша како „ненадејна и неочекувана“, предизвикала аларм во заедницата. Тој исто така тврдел и дека загриженоста што ја изразиле локалните жители и лекарската заедница не била земена предвид во текот на истрагата. Патологот потврдил дека ракот не бил причина за смртта, ниту пак, откажувањето на органите.
Патологот Чарлс д’Адемар предупредил дека трите лекови препишани на Гроган можат да предизвикаат депресија на респираторниот и нервниот систем доколку правилно не се применуваат. Танси тврдел дека брзото балсамирање го оневозможило тестирањето за присуство на лекови во телото на починатиот.
Флахерти тврдела дека нејзиниот сопруг имал неоперабилен рак во четврти стадиум и дека бил во терминална фаза – тврдење што неговото семејство го оспорувала.
Танси рекол: „Ниедно од тие тврдења не е вистинито ниту точно“.
Флахерти, исто така, тврдела дека била во долгорочна врска со Гроган, и покрај тоа што имала повеќе други партнери и три деца со други мажи. Таа тврдела дека нивната врска започнала кога имала само 16 години – тврдење кое, според зборовите на Танси, предизвикало голема загриженост во семејството Гроган.
Сестрата на Лиза Флахерти наводно не знаела за бракот сè до неколку дена откако се склучил. Вештакот рекол дека нема да одлучува за правната важност на бракот помеѓу Гроган и Флахерти.
Стивен Берн, кој ја застапувал Флахерти, рекол дека Танси практично ја обвинил Флахерти за предизвикување на смртта на Гроган. Тој додал дека се плаши дека истрагата за смртта на Гроган ќе биде искористена за да се оцрни угледот на Флахерти. Тој, исто така, рекол дека прагот за понатамошна истрага – постоењето на основано и легитимно сомневање – не е достигнат.
Берн додал дека пријателите или роднините на Гроган можеле да ја заобиколат Флахерти и да повикаат лекар, но не го сториле тоа. Тој продолжил велејќи дека личноста која навистина се грижела за Гроган – Флахерти – сега е „распната на крст“.
Берн рекол: „Тој го познаваше своето тело и знаеше дека нема да го победи ракот“.
На денот на смртта на Гроган, сестрата на Флахерти и една сосетка, психијатриска медицинска сестра со сертификат за палијативна нега, била повикана бидејќи состојбата на Гроган се влошувала. По пристигнувањето во куќата, Флахерти ѝ рекла дека повикала итна помош околу 10:30 часот наутро. Таа рекла дека ѝ било кажано дека палијативната нега нема да биде достапна до понеделник и дека Гроган рекол дека сака да остане дома.
Танси ги испрашувал другите луѓе во текот на истрагата, вклучувајќи го и Мартин Кејс – возач на камион, повремен погребник и семеен пријател.
Танси прашал: „Зошто го однесовте телото на балсамирање толку брзо, речиси непристојно брзо?“
Кејс одговорил: „Немаше брзање. Беше околу 19:30 часот кога го возев Џо Гроган до Лонгфорд. Мислам дека почина околу 15 часот“.
Биле поставени и дополнителни прашања за тоа зошто телото на Гроган било однесено без одобрување на лекар, за која Флахерти тврдела дека ја добила.
Кејс признал дека никогаш не видел посмртница и сега знае дека дежурниот лекар не можел да даде согласност за транспорт на телото, бидејќи не бил избраниот лекар на Гроган.
Тридневната истрага, која се одржала во Крунскиот суд во Туламор, завршила на 16 јули, а Флахерти ја напуштила судницата во солзи.




