
Програмата за главниот град треба да произлегува од потребите и проблемите на граѓаните со цел да се задоволат елементарните услови за функционирање. Оваа програма ќе биде изработена прецизно и темелно, со рокови, изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопјена ВМРО-ДПМНЕ за претстојните локални избори Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски остварил средби со граѓани и прибира идеи за креирањето на програмата и, како што кажа, според него, единствен и правилен начин да се креира програма е да се слушнат изворно граѓаните и од нив да потекнуваат идеите и предлозите.
Во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија најави дека ќе има развојна стратегија, според која ќе има постојано обновување на возниот парк.
– Многу е важно да имаме сериозен пристап на долг рок. Сега сме во фаза на изготвување на програмата, која што ќе биде темелно изработена, ќе биде прецизно со рокови и ќе ги содржи решенијата за најгорливите проблеми. Особен фокус ќе има тоа што значи задоволување на елементарните услови за функционирање на нашите сограѓани, рече Ѓорѓиевски.
Потсети на неговите теренски посети низ општините во Скопје, а за состојбите во јавните градски претпријатија, како ЈСП „Скопје“ и „Комунална хигиена“ рече дека процесите треба да се планираат долгорочно. – Во топ 5 приоритети на граѓаните е токму ЈСП „Скопје“ и неговата нефункционалност. Она што треба ние да го промениме е да има состојба на долг рок, да се планираат сите процеси во градот. Да не се доведува претпријатие во колапс. Истото важи и за комунална хигиена, истакна Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски се осврна и на состојбата со пожарите во земјава и притоа истакна дека има доверба во институциите. – Многу одговорно на територија на Скопје, Противпожарната бригада ја врши и совесно својата работа. Одговараат навремено на ваква појава и благодарение на нив спречени се многу непријатни ситуации изминатиов период. Треба модернизација и на опремата која што ја поседуваат пожарникарите. Треба законски регулативи да се донесат и да се променат. Верувам во институциите во моментов и верувам дека правдата ќе излезе на виделина, рече Ѓорѓиевски.




