
Градскиот транспорт ќе стане модерен, функционален и достапен за сите граѓани, најавил кандидатот за градоначалник на Скопје и актуелен градоначаник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска на средба со приватните превозници од јавниот транспорт во Скопје.
Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи сподели дека на средбата е разговарано за сите предизвици со кои се соочува јавниот превоз, но, како што пишува, уште поважно, зборувале за решенијата.
– ЈСП и приватните превозници мора да дејствуваат синхронизирано и координирано, порачува Ѓорѓиевски.
Само така, укажува, може да се создаде јавен превоз кој навистина ќе одговара на потребите на скопјани.
– Ќе преземеме конкретни чекори за надминување на тековните проблеми и ќе ги вклучиме и позитивните регионални искуства — со оптимизирање на линиите, подобрување на возниот ред и обезбедување сигурен и ефикасен транспорт за сите, информира Ѓорѓиевски.
Тој денеска имал средба и со претседателот на синдикатот на такси возачите од која соопшти дека произлегле конструктивни, реални и применливи предлози.
-Внимателно ги слушнав нивните барања за подобрување и унапредување на такси превозот и морам да кажам дека од средбата произлегоа навистина конструктивни, реални и применливи предлози, а голем дел од нив ќе бидат имплементирани, напиша Ѓорѓиевски на неговиот фејсбук профил.
По објавата на кандидатурата на Ѓорѓиевски, тој почна со теренски посети и средби со цел подготовка на програмата за локалните избори заедно со граѓаните. Јавниот транспорт и сообраќајниот хаос се меѓу главните проблеми што најави дека ќе ги решава заедно со комуналната хигиена, кучињата скитници, а најави и активности за почист воздух, генерален урбанистички план за Скопје.