дома Култура Во Италија откриена етрурска гробница стара 2.600 години

Во Италија откриена етрурска гробница стара 2.600 години

  Во централна Италија, археолози открија ретка недопрена етрурска гробница, стара околу 2.600 години, објавија научници собрани околу меѓународниот археолошки проект Сан Џулијано (SGARP).


Гробницата, врежана во камен во форма на мала куќа, е пронајдена во поранешниот етрурски град Сан Џулијано, околу 70 километри северозападно од Рим, пишува порталот „Лајв саенс“.
Откриени се останки на четири лица положени на камени кревети, опкружени со повеќе од 100 артефакти, вклучувајќи грнчарија, оружје, бронзени украси и сребрени додатоци за коса.
Според соопштението од тимот на SGARP, ова е првото модерно археолошко ископување на целосно зачувана етрурска гробница во овој дел од Италија.
Претходните ископувања во регионот открија повеќе од 600 етрурски гробници, но сите претходно биле делумно или целосно ограбени.
„Оваа целосно запечатена гробница претставува исклучително ретко откритие во етрурската археологија. Таа дава единствена можност да се проучат верувањата и погребните обичаи на оваа предримска цивилизација со користење на современи методи“, рече археологот Дејвид Зори од Универзитетот Бејлор во Тексас.
Етрурската цивилизација, која ѝ претходела на Римската Република, го достигнала својот врв во текот на 6 век п.н.е. и постепено била асимилирана во Римското Царство во 1 век п.н.е.
Според прелиминарните анализи, во гробницата биле погребани два машки и женски пара, но се очекуваат понатамошни истражувања на останките.
Тимот на SGARP ги заврши теренските ископувања, а следниот чекор е детална анализа на материјалите и артефактите.
Научниците истакнуваат дека ова откритие би можело значително да придонесе за разбирањето на етрурската култура и нејзиното место во историјата на Апенинскиот Полуостров, наведува порталот.

ПредходнаУЈП ќе спроведува засилени даночни контроли кај авто-такси превозниците
СледнаСеничиќ: Сите туристи се безбедни на Халкидики, забраната важи за планинскиот дел