
Претседателот на Собранието, Африм Гаши синоќа бил хоспитализиран на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, потврдија денеска од кабинетот на Гаши кои воедно информираат дека тој е во стабилна здравствена состојба и оти во моментов се вршат лекарски прегледи.
– Во врска со информациите објавени во медиумите за здравствената состојба на претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја информираме јавноста дека тој вчера беше хоспитализиран на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија. Здравствената состојба на г. Гаши е стабилна, а во моментов се вршат детални лекарски прегледи, се наведува во соопштението од Собранието.
Од неговиот Кабинет посочуваат дека сите понатамошни информации ќе бидат навремено доставени до јавноста од надлежните институции.
Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија при Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, проф. д-р Огнен Костовски во изјава за медиуи информираше дека Гаши бил примен нешто по полноќ, со сериозни болки и тегоби во стомачната регија.
-Пациентот беше примен поради преплет на цревата. Состојбата внимателно се следи, а за сега не е планирана хируршка интервенција. Се третира со медикаментозна терапија и е под постојан лекарски надзор, истакна Костовски.




