Полскиот програмер Пшемислав Дембјак, познат под прекарот „Психо“, влезе во историјата на информатиката откако ги победи и луѓето и вештачката интелигенција на престижниот натпревар „AtCoder World Tour Finals 2025 (Heuristic Division)“, кој се одржа на почетокот на јули во Токио, објави „Јуроњуз“.
Овој 42-годишник е единствениот човек во светот кој успеал да го надмине специјално прилагодениот алгоритам на водечката американска компанија за развој на вештачка интелигенција. Во конкуренција со 12-те најдобри програмери на планетата, вклучувајќи ја и интелигентната машина, Полјакот го освои првото место, оставајќи го алгоритмот зад себе со разлика која од 5,5 отсто на крајот порасна на дури 9,5 отсто.
„Тој е неверојатно скромен човек и пресреќен што успеа да победи, особено поранешниот работодавач“, изјави за еден европски медиум Станислав Ејсмонт, експерт за иновации и пријател на Дембјак.
„Човештвото победи (засега)!“, напиша „Психо“ на социјалната мрежа по објавувањето на резултатите, признавајќи дека е целосно исцрпен.
„Сфатив дека можеби сум спиел само 10 часа во последните три дена. Едвај сум жив“, рече тој.
Натпреварот траеше десет часа и вклучуваше решавање на комплексни задачи за оптимизација. Целта беше зададениот код да се унапреди и направи што поефикасен, без готови решенија, без документација или надворешна помош, само чиста логика и стратегија.
Извршниот директор на компанијата за вештачка интелигенција му честиташе со зборовите: „Браво, Психо“, исто така на мрежа.
Ејсмонт го опиша подвигот со следниве зборови: „Десет часа интелектуален маратон. Без шаблони, без упатства, без насоки. Само сложен проблем за оптимизација кој не може да се реши совршено, туку само подобро од другите. И во таа арена, полна со напнатост и генијалност, Пшемислав ги победи сите. Дури и вештачката интелигенција“.
Елитен програмерски натпревар
„AtCoder World Tour Finals“ важи за најпрестижен натпревар во областа на хеуристичкото програмирање. Учествуваат само 12-те највисоко рангирани програмери во светот, и тоа исклучиво по покана и нема можност за самостојна пријава.
Задачите подразбираат решавање на високо комплексни проблеми со примена на алгоритми, статистика, теорија на вештачка интелигенција и креативност. Знаењето алгоритми не е доволно – натпреварувачите мора да знаат како да ги применат на начин што ни машината не може да го предвиди.
Кој е Пшемислав Дембјак?
Роден е на 28 јули 1983 година во градот Гдиња. Тој е повеќекратен победник на меѓународни програмерски натпревари, член е на Менса и повеќекратен шампион на Полска во решавање логички загатки.
Во сесија од типот „Прашај ме што сакаш“ на еден полски интернет-портал, Дембјак откри неколку интересни факти за себе:
- Никогаш немал постојана работа
- Се испишал од факултет, односно има завршено средно образование
- Како дете сакал да стане суперхерој, не му успеало
- Немал јасен животен план и сè уште го нема
- Живее во Полска и не планира да се пресели
Оваа победа би можела да му ги отвори вратите кон уште поголеми професионални успеси, бидејќи, како што вели Ејсмонт, натпреварот го следат најголемите светски технолошки компании и се смета за показател на тоа „кој навистина разбира како размислува кодот“.