дома Технологии ВИДЕО | Капа што чита мисли? Научниците развиваат уред што ги претвора...

ВИДЕО | Капа што чита мисли? Научниците развиваат уред што ги претвора мислите во зборови користејќи вештачка интелигенција

Замислете испраќање пораки до пријателите и семејството контролирајќи го вашиот телефон само со вашите мисли. Оваа идеја порано беше дел од научната фантастика, а денес, благодарение на брзиот развој на вештачката интелигенција, поврзувањето на човечкиот мозок со компјутерите станува сè пореално, објавува „Јуроњуз“.

Досега, технологиите што овозможуваат претворање на мислите во текст честопати бараа импланти во мозокот. Сега научниците од Технолошкиот универзитет во Сиднеј го користат уредот во форма на капа за да истражат како вештачката интелигенција може да ја толкува мозочната активност.

Оваа капа со вештачка интелигенција ги следи мозочните бранови на носителот и ги претвора неговите мисли во пишан јазик. Тимот зад декодерот наведува дека системот користи два различни вида вештачка интелигенција за да ги толкува мозочните сигнали.

„Прво користиме длабок невронски модел за да ги преведеме мозочните сигнали во посакувани зборови“, рекол Чин-Тенг Лин, истражувач на Технолошкиот универзитет во Сиднеј.

„Потоа користиме голем јазичен модел за да ги споредиме декодираните зборови и да ги исправиме грешките во декодирањето со ЕЕГ“, додал тој.

Резултатите се доста точни, но не и совршени – точноста е околу 75 проценти. Тимот работи на постигнување точност од 90 проценти.

Други системи за декодирање на јазик кои се во развој досега бараа од испитаниците да имаат хируршки импланти или да се подложат на функционална магнетна резонанца (fMRI).

Во 2023 година, студија за пациент кој преживеал мозочен удар и можел повторно да комуницира благодарение на интерфејс мозок-компјутер и генератор на глас со вештачка интелигенција стана вест. Минатата година, чипот „Неуралинк“ на Елон Маск беше за првпат имплантиран во човечки череп.

Експертите веруваат дека оваа технологија би можела да им помогне на пациентите кои се опоравуваат од мозочен удар.

„Како научници, ние анализираме медицинска состојба и утврдуваме која функција е нарушена од таа состојба. Кои се потребите на пациентот?“, рекол Мохит Шивдасани, истражувач на Универзитетот во Нов Јужен Велс во областа на биоелектрониката.

„Потоа се справуваме со таа потреба користејќи технологија за враќање на изгубената функција. И после тоа – нема граници“, додал Шивдасани.

ПредходнаДијареа за време на одмор: Како да ја спречите и што смеете да јадете?
СледнаЧетџипити добива над 2,5 милијарди прашања секој ден