Неш Кин, кој се родил на само 21 недела од бременоста, сега е официјално најпредвремено роденото преживеано бебе во светот. На 5 јули годинава, тој го прослави својот прв роденден, а неговата неверојатна животна приказна ја потврди и Гинисовата книга на рекорди.
Неш се родил 133 дена пред предвидениот термин во Универзитетската клиника во Ајова. При породувањето тежел само 283 грама и бил долг 24 сантиметри, што е помалку од грејпфрут. Веднаш бил пренесен во одделот за неонатална интензивна нега, каде што се соочил со сериозни здравствени предизвици.
„Првите денови беа мешавина од страв, неизвесност и надеж“, вели неговата мајка, Моли Кин.

Таа се сеќава дека првпат го прегрнала Неш дури по три недели од раѓањето.
„Беше толку малечок што речиси не го чувствував на моите гради. Беше целосно поврзан со кабли и монитори“, раскажува таа.
И покрај тежок почеток, докторката Ејми Станфорд изјави дека Неш постепено напредувал. По шест месеци во болница, конечно бил пуштен дома во јануари 2025 година.

Иако сè уште има одредени здравствени потреби, е на кислородна поддршка, се храни преку сонда и користи слушни помагала, неговите родители велат дека напредокот што го направил е извонреден. По повод првиот роденден, Неш доби 70 нови облеки, играчки, пелени и, со одобрување од лекарите, торта со шлаг.
Докторката Станфорд вели дека Неш и семејството Кин се инспирација за сите.
„Нивната истрајност и сила нè потсетуваат колку е важно да продолжиме да се бориме за секое дете и секое семејство, дури и во најтешките услови“, нагласува таа.