дома Магазин Доналд Трамп се прости од Халк Хоган: „Тој беше вистински МАГА јунак“

Доналд Трамп се прости од Халк Хоган: „Тој беше вистински МАГА јунак“

Американскиот претседател Доналд Трамп му оддаде почит на својот долгогодишен пријател и поддржувач Халк Хоган, кој вчера почина на 71-годишна возраст.

„Денес изгубивме голем пријател, ‘Халкстерот’. Халк Хоган беше МАГА до крај – силен, паметен, но со најголемо срце“, напиша Трамп во објава на неговата социјална мрежа Трут соушал.

Трамп со зборот МАГА се повикува на слоганот „Make America Great Again“ („Да ја направиме Америка повторно горда“), кој го користеше во својата кампања во 2016 година и кој стана симбол на неговото политичко движење. Поддржувачите на МАГА се залагаат за национализам, традиционални вредности и политика на „Америка на прво место“.

Трамп се потсети и на поддршката што Хоган му ја пружи за време на претседателската кампања во 2024 година, особено истакнувајќи го неговиот „апсолутно електричен говор“ на Републиканската национална конвенција, кој го опиша како „еден од највпечатливите моменти во целата недела“.

„Ги забавуваше фановите ширум светот, а неговото културно влијание беше огромно. На неговата сопруга Скај и на целото семејство им испраќаме најискрени сочувства и љубов. Халк Хоган многу ќе ни недостасува“, додаде Трамп, завршувајќи ја својата емотивна објава.

Фото: Скриншот/Трут соушал

Веста за смртта на Хоган ја објави Ти-ем-зи, наведувајќи дека медицинска екипа интервенирала во домот на Хоган на Флорида поради срцев удар. Тој бил префрлен во болница, но не успеал да се спаси.

Хоган, роден како Тери Џин Болеа, беше една од најголемите ѕвезди во историјата на професионалниот кеч. Беше 12-кратен светски шампион, двапати приман во Светската федерација за кеч, Куќата на славните и ѕвезда на осум од првите девет Врестлманија настани.

Пријателството помеѓу Хоган и Трамп траело повеќе од 35 години. На митингот во „Медисон сквер гарден“ во октомври 2024 година, Хоган се потсети на борбата со Андре Гигантот на Врестлманија IV во 1988 година, која се одржа токму во „Трамп Плаза“.

„Само што имав флешбек. Последен пат кога бев на сцена, Доналд Трамп седеше крај рингот. Крварев како заклан, а ја освоив титулата токму пред него. И знаете што? Тој ќе победи во ноември, и сите пак ќе бидеме шампиони кога ќе победи“, рече Хоган.

Во своите последни месеци, Хоган и натаму му даваше поддршка на Трамп. На Денот на инаугурацијата во јануари, објави фотографија со Трамп на Инстаграм, промовирајќи го своето пиво „Риал Американ“ со опис: „Две вистински американски легенди“.

Инаку, Хоган последниве години беше поврзан и со неколку контроверзии, меѓу кои снимка со расистички коментари што протече во јавноста во 2015 година, за што подоцна се извини, како и секс-снимка што се појави на интернет во 2012 година.

ПредходнаВИДЕО | Експертите: Ова е најбрзиот начин да го хидрирате телото, а дали е здрав?
СледнаФОТО+ВИДЕО | Враќањето на ледената Миранда: Први фотографии од Мерил Стрип од снимањето на „Ѓаволот носи Прада 2“