– Спремањето храна го доживувам како мое хоби, кое го надополнувам со многу љубов и внимание секогаш кога сум во можност. Среќна сум кога им спремам нешто вкусно на моето семејство и на моите пријатели и токму тоа ми ја полни душата со позитивна енергија – вели таа.
Денеска ви го претставуваме нејзиниот рецепт за летна крем торта со капини.
– Бидејќи времево е навистина топло, а никој не сака да се мачи во кујна, овие денови претпочитам рецепти што се брзи и едноставни за подготовка. Токму затоа се одлучив за оваа супер летна торта, која се подготвува речиси со брзина на светлината – вели Крстаноска.
Потребни состојки:
- 300 г мелени бисквити
- 130 г путер (или маргарин)
- 130 мл млеко
- 1 канче капини (може и малини)
- 4 бели чоколади (по 100 г)
- 250 мл слатка павлака (блага хопла)
- 100 г путер (или маргарин)
Подготовка:
Путерот се топи на пареа, па се додава топлото, но не врело, млеко. Смесата се соединува со мелените бисквити и се распоредува во округол калап со обрач бр. 22. Подлогата се натапкува рамномерно и врз неа се редат капините. Калапот се става во фрижидер околу 10 минути за да се стегне.
Во меѓувреме, на пареа се топат белото чоколадо, путерот и слатката павлака, со постојано мешање додека не се добие мазна и сјајна смеса. Кога кремот ќе биде подготвен, се прелива врз капините.
Тортата се остава во фрижидер преку ноќ за убаво да се стегне.
На здравје!





