дома Живот Осум места во домот што се повалкани и од тоалетната школка

Осум места во домот што се повалкани и од тоалетната школка

Бактериите и вирусите може да се шират од личност на личност, како и од луѓето на површините. Оттаму пак ги „влечеме“ назад кон телото и се доведуваме во опасност од инфекции. Добро е и важно да сме информирани каде најчесто се кријат во домот и како да го минимизираме ризикот.

Еве кои фактори најмногу влијаат на размножувањето и развојот на бактериите:

  • тип на површина (рамни површини како работни плочи или текстилни како мебел и облека)
  • животни навики (редовно перење облека или дезинфекција на површини)
  • хигиенски практики (редовно миење раце и туширање)
  • методи на чистење (детално чистење со употреба на алкохол наместо обични средства за чистење)

Различни простории, односно површини во домот претставуваат различни нивоа на ризик кога станува збор за изложеност на бактерии и вируси.

1. Кујна и бактерии: Каде најчесто се наоѓаат?

Според податоци на Националната фондација за хигиена, местата каде што се складира и подготвува храна содржат повеќе бактерии и фекални материи од било кој друг дел од домот. Повеќе од 75 проценти од сунѓерите и крпите за садови содржеле салмонела, ешерихија коли и траги од фекалии, во споредба со 9 проценти од рачките на чешмите во бањата.

Предмети во кујната кои бараат често чистење поради размножување на бактерии се:

  • даски за сечење
  • апарат за кафе
  • фрижидер (особено деловите што доаѓаат во контакт со сурова или неизмиена храна)
  • мијалник и работни површини

Придржувајте се до следниве совети за одржување на хигиената во кујната за да ги намалите ризиците: бришете славини, рачки од фрижидер и работни површини со дезинфекциски марамчиња, загревајте влажни сунѓери во микробранова 1 минута за да ги уништите бактериите, потопете сунѓери во литар топла вода со половина лажичка концентриран избелувач… Менувајте кујнски крпи редовно, перете ги на висока температура, користете хартиени крпи, измијте ги рацете пред и по ракување со храна.

Обавезно мијте ги рацете најмалку 20 секунди пред и по допир со сурово месо или непреработена храна.

2. Кваки, рачки и прекинувачи

Рамни површини, рачки и прекинувачи често се заборавени, а всушност многу контаминирани места. Спротивно на очекувањето дека кваката во бањата е највалкана, фондацијата открива дека повеќе бактерии има на прекинувачите во бањата, рачките од фрижидерот, копчињата на шпоретот и рачките од микробрановата печка.

Чистете ги еднаш неделно со дезинфекциски средства или марамчиња, користејќи ново за секоја површина.

3. Торба со шминка

Рачките и влакната на апликаторите за шминка се идеални места за размножување на бактерии, особено ако торбата или несесерот го носите надвор од дома. Лесно може да предизвикаат инфекции на кожа, очи и уста. Исто така, вируси од вашите раце може да стигнат до четките и да влезат преку нос, уста или очи.

Чувајте ја шминката на суво, чисто место, на собна температура. Мијте ги четките еднаш неделно со сапун и вода или алкохолен спреј. Идеално е да се чистат апликаторите секојдневно, пред и по употреба.

Заменете ја козметиката на секои 6 месеци. Фрлете ја шминката за очи ако сте имале инфекција на окото.

4. Бањата не е најголем извор на бактерии, но сепак бара секојдневна грижа

Местото каде што ја отстрануваме нечистотијата од телото е совршена почва за бактерии. Топлата пареа и влагата придонесуваат за развој на микроби. Обавезно секојдневно и темелно чистете:

  • туш кабини
  • одводи
  • славини
  • површини околу веце школката
  • пешкири
  • четки за заби

Бришете ги површините секојдневно, а детално чистете еднаш неделно. Користете стара четка за заби за чистење околу одводот. Менувајте ги пешкирите еднаш неделно, а четките за заби на секои 3 до 4 месеци. Дезинфицирајте ги сите површини, особено ако некој во куќата бил болен.

5. Веш

Мокар веш оставен во машината само кратко време може да стане сериозно легло на бактерии. Ставете го на сушење веднаш по перењето. Ако стоел во машината повеќе од 30 минути, пуштете нова програма за перење.

Во јавни или заеднички перални, избришете го барабанот на машината со дезинфекциски марамчиња пред употреба. Користете топла или врела вода секогаш кога е можно, особено за облека носена надвор од дома.

6. Домашна канцеларија и дневна соба

Далечински управувачи, тастатури, телефони и таблети често се користат од повеќе членови на домаќинството.

Во едно истражување, фондацијата открила присуство на мувла и други патогени на тастатури, далечински управувачи и џојстици, како и бактерии од родот стафилококи. Теписите може да содржат до осум пати повеќе нечистотија од градските улици. Вирусите може да преживеат и до 3 дена на пластични тастатури и далечински кои секојдневно се користат.

Редовно чистете ги овие уреди со дезинфекциски марамчиња или со сапун и вода, особено ако биле во контакт со валкани површини. Мијте ги рацете пред да ги допрете, особено ако доаѓате однадвор.

7. Домашни миленици

Милениците исто така носат микроби, особено ако престојуваат надвор. Според истражување на фондацијата, чиниите за миленици биле четврти по количина на бактерии во домаќинството. Играчките содржат стафилококи, квасци и мувла. Совети за подобра хигиена и превенција:

  • измијте им ги шепите пред влегување во куќа
  • измијте ги чиниите за храна секојдневно со топла вода и сапун
  • еднаш неделно потопете ги чиниите и играчките во дезинфекциско средство
  • тврдите играчки перете ги редовно, а меките (памучни) барем еднаш месечно

8. Лични работи

Секојдневно во дом внесуваме бактерии и вируси преку чевли, торби, слушалки… Фондацијата во анализите открила фекални траги, габи и мувла на мобилни телефони, клучеви, паричници и пари, долниот дел на торби и ташни.

Вирусите може да преживеат на пластика и метал и до 3 дена. Повеќето марамчиња за дезинфекција се ефикасни за електроника, но може да се користат и специјализирани средства наменети за чистење на уреди.

Предходна15 начини да внесете 500 калoрии помалку при секој оброк
СледнаГенералниот секретар на ОН повика на воздржаност меѓу Камбоџа и Тајланд