Чак Манџоне, познат американски трубач, композитор и џез музичар, почина на 84-годишна возраст, објави локалниот портал „Рочестер фрст“ од неговиот роден град Рочестер, Њујорк.

Според официјалните информации од погребалната куќа „Бартоломео и Перето“, Манџоне починал во сон, два дена пред да биде објавена веста, на 22 јули.
Роден во 1940 година, Чак бил опкружен со џез уште од млада возраст. Учел од најголемите, вклучувајќи ја и легендата Дизи Гилеспи, кој, како што самиот рекол, му бил „семеен пријател“.
Заедно со својот брат Гап, тој го основал бендот „Џез Брадерс“ и свирел со големи имиња како што се Вуди Херман и Мејнард Фергусон. Дипломирал на познатото музичко училиште „Истман“, каде што подоцна предавал и водел џез оркестар. Иако потекнувал од „сериозна“ џез позадина, Чак ја донел музиката до пошироката публика. Неговата легендарна инструментална „Feels So Good“ стана огромен хит кон крајот на 1970-тите и ги премина границите на жанрот.
Тој беше и двократен добитник на Греми – во 1977 година за песната „Bellavia“ и во 1979 година за инструменталната изведба на „Children of Sanchez“. Во својата кариера собра дури 14 номинации.
Покрај музиката, Чак беше познат по својот изглед – долгата коса, мустаќите и неизбежната шапка станаа негов заштитен знак. Благодарение на ова, тој се појави и во анимираната серија „King of the Hill“, каде што си го позајми гласот, се разбира, секогаш во препознатлива облека.




