Белата куќа бара од неколку универзитети за кои вели дека не успеале да го спречат антисемитизмот, вклучувајќи го и Харвард, да платат казни во замена за враќање на федералното финансирање, изјави за Ројтерс неименуван американски функционер.
Функционерот рече дека американската администрација е во преговори со неколку универзитети, вклучувајќи ги Корнел, Дјук, Нортвестерн и Браун.
Тој посочи дека администрацијата е блиску до постигнување договор со „Нортвестерн“ и „Браун“, а потенцијално и со „Корнел“, и дека главната цел е да се постигне договор со „Харвард“.
Американскиот претседател Доналд Трамп го прекина федералното финансирање за неколку универзитети поради пропалестинските студентски протести што се одржаа на универзитетските кампуси минатата година.
Универзитетот Колумбија во Њујорк соопшти во средата дека ќе ѝ исплати повеќе од 200 милиони долари на американската влада во договор со администрацијата за решавање на федералните истраги и враќање на поголемиот дел од суспендирано федерално финансирање.
Администрацијата на Трамп го поздрави договорот со Колумбија.
Харвард ја тужеше федералната влада во обид да ги врати суспендираните федерални стипендии.