Две стјуардеси на „Саутвест ерлајнс“ се повредени откако патнички авион на лет до Лас Вегас од Јужна Калифорнија доживеа нагло опаѓање кратко по полетувањето, предизвикано од предупредување за авион во близина, соопштија авиокомпанијата и патниците.
Летот 1496 на „Саутвест“ одговори на две предупредувања за други авиони во близина, според Федералната администрација за воздухопловство (FAA), која го истражува инцидентот, објави АП.
Екипажот бил принуден да ја промени висината на летот, прво кревајќи го, а потоа спуштајќи го авионот.
Авионот полетал од аеродромот Холивуд Бурбанк, северно од Лос Анџелес, непосредно пред пладне.
Патниците сведочеа на социјалните мрежи за падот на авионот.
Иако авионот брзо реагирал на тревогата, портпаролот на аеродромот Холивуд Бурбанк, Мајк Кристенсен, изјави дека контролната кула и одделот за операции не го евидентирале падот на авионот во нивниот воздушен простор.
По инцидентот, авионот го продолжил летот кон Лас Вегас, каде што слетал без никакви проблеми.
„Саутвест“ соопшти дека соработува со ФАА за да ги разјасни сите околности на инцидентот.
Како што објави агенцијата, инцидентот повторно покрена прашања за безбедноста во воздушниот сообраќај, по авионската несреќа над Вашингтон во јануари, во која загинаа 67 лица.