Повеќе од 20 проценти од вработените во Американската вселенска агенција (НАСА), или околу 3.870 работници, поднеле барање за напуштање на агенцијата преку првата рунда од Програмата за одложено отпуштање, потврди НАСА за Си-Би-Ес њуз.
Оваа програма беше воведена за време на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со цел да се намали бројот на вработени во федералните агенции.
Рокот за аплицирање за програмата истече во петок на полноќ, а според НАСА, бројот на вработени во агенцијата ќе се намали од околу 18.000 на 14.000, што вклучува околу 500 работници кои си заминале поради пензионирање и други причини.
Портпаролката на НАСА, Шерил Ворнер, нагласи дека безбедноста останува клучен приоритет на агенцијата и дека целта е да се балансира ефикасноста на организацијата, а воедно да се зачува можноста за продолжување на истражувањата, вклучително и мисиите на Месечината и Марс.
Како дел од програмата, околу 870 вработени аплицираа за напуштање во првиот круг, додека околу 3.000 работници аплицираа во вториот круг.
Програмата за одложено отпуштање беше дизајнирана како алатка за намалување на трошоците и нивото на персонал во федералната влада, а беше иницирана од Министерството за владина ефикасност.
Предлог-буџетот на Белата куќа за фискалната 2026 година предвидува намалување на финансирањето на НАСА за околу 25 проценти, од 24 милијарди долари на 18 милијарди долари, што, според гореспоменатиот медиум, дополнително предизвикува загриженост кај вработените.
Трамп го номинираше милијардерот и астронаут Џаред Исакман за следен администратор на агенцијата во декември, но номинацијата беше повлечена кон крајот на мај, непосредно пред гласањето во Сенатот.
Откако ја повлече својата номинација, Трамп го назначи министерот за транспорт Шон Дафи привремено да ја преземе раководството на НАСА.