дома Свет Балкан Три лица повредени во пожар во Албанија, евакуирани се над 2.000

Три лица повредени во пожар во Албанија, евакуирани се над 2.000

Три лица се повредени во пожар во близина на градот Делвина во јужна Албанија, а околу 2.000 жители се евакуирани.


„Три лица претрпеа изгореници и вдишување чад“, изјави заменик-градоначалничката на Делвина, Брунилда Мелечи.
Таа рече дека шест села се евакуирани и дека пожарот уништил црква и 11 куќи.
Меѓу повредените е и началникот на полициската станица во Делвина, Агим Троци, кој се здобил со изгореници на стомакот, рацете и нозете додека се обидувал да помогне во гаснењето на пожарот, објави „Албаниан пост“.
Два хеликоптери и околу 60 војници беа испратени да помогнат во гаснењето на пожарот.
Еден човек се здобил со тешки изгореници во пожарот. Првично му била укажана прва помош во регионалната болница во Саранда, а потоа, поради тешката здравствена состојба, со возило на брза помош бил пренесен во Тирана. Тој се здобил со изгореници на градите и рацете додека, заедно со група мештани, се обидувал да ги изгасне пламените јазици што го зафатиле подрачјето, објави порталот botasot.info.
Албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу изјави дека од раните утрински часови, беспилотните летала „Бајрактар ТБ2“ на воздухопловните сили прелетале над 18 активни пожари, со цел да се процени нивото на опасност и ширењето на пламенот.
Поради топлотниот бран што ја погоди Албанија, со температури што достигнаа и до 43 степени Целзиусови, властите прогласија максимален ризик од пожари во сите региони.

ПредходнаГо уривате Охридскиот договор – Османи со жесток одговор до Муцунски
СледнаINSCOP: Анкетата ја покажува носталгијата на Романците за диктаторот Николае Чаушеску