дома Свет Баро: Ќе се обидеме да охрабриме што е можно повеќе европски земји...

Баро: Ќе се обидеме да охрабриме што е можно повеќе европски земји да ја признаат Палестина

На министерскиот самит на Обединетите нации што ќе се одржи во Њујорк следната недела, арапските земји за прв пат ќе го осудат Хамас и ќе повикаат на негово разоружување, со цел да се охрабрат што е можно повеќе европски земји да ја признаат палестинската државност, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.


Во интервју за францускиот неделник „Журнал ду Диманш“ (JDD), Баро рече дека овој потег е дел од долго планираната заедничка иницијатива меѓу Франција и Саудиска Арабија, пренесува „Ројтерс“.
„За прв пат, арапските земји ќе го осудат Хамас и ќе повикаат на негово разоружување, што треба да резултира со конечна изолација на милитантната група. Европските земји, пак, ќе ја потврдат својата намера да ја признаат државата Палестина.

Половина од европските земји веќе го сторија тоа, додека останатите ја разгледуваат одлуката“, изјави Баро за JDD, пренесува Ројтерс.
Според шефот на француската дипломатија, британскиот премиер ја изразил својата намера да го стори тоа, а Германија размислува да го стори тоа, но не во оваа фаза.
„Ќе упатиме апел во Њујорк до другите земји да ни се придружат со цел да започнеме уште поамбициозен и потежок процес што ќе кулминира на 21 септември“, додаде Баро.
Францускиот претседател Емануел Макрон во четврток објави дека Франција формално ќе ја признае државата Палестина на следната сесија на Генералното собрание на Обединетите нации на 21 септември, предизвикувајќи осуда од САД и Израел.

ПредходнаНајмалку 11 лица се хоспитализирани по напад со нож во супермаркет во Мичиген Копирај
СледнаПутин најави проширување на флотата на нуклеарни подморници