Универзитетската болница во Брисел разви иновативен метод што би можел значително да ја подобри ефикасноста на третманот на машката неплодност, користејќи вештачка интелигенција за побрзо и попрецизно откривање на сперматозоиди кај пациенти со намалена плодност.
Технологијата, наречена „T’easy“, е резултат на соработка помеѓу истражувачи од центарот за репродуктивна медицина за ин витро фертилизација во Брисел и компанијата Robovision Healthcare, а како што наведува болницата, оваа алатка би можела да претставува важен чекор напред во областа на асистирана репродукција, пишува Фламанската радиотелевизија (VRT).
„Во случаи кога не се пронајдени сперматозоиди во ејакулатот, се спроведува постапка за екстракција на сперма од тестисите (TESE), што вклучува земање примерок од ткивото на тестисите од кое се обидуваат да се извлечат сперматозоиди. Доколку се пронајдат, тие се користат за ICSI методот на ин витро оплодување, при што еден сперматозоид директно се инјектира во јајце клетка“, наведуваат научниците.
Оваа постапка, која се користи од 1995 година, им нуди надеж на мажите со намалена плодност да имаат биолошки деца, но нејзините резултати варираат, делумно поради предизвиците во идентификувањето на сперматозоидите во примероците од ткиво.
„T’easy ни овозможува попрецизно и побрзо да ги детектираме сперматозоидите, со што им обезбедува на потенцијалните родители побрзи информации за шансите за успех на терапијата. Исто така, значително го намалува ризикот од пропуштање на корисни сперматозоиди“, објави UZ Brussels.




