дома Македонија Политика Мицкоски: Пустец е доказ дека припадноста не се брише

Мицкоски: Пустец е доказ дека припадноста не се брише

   Пустец е доказ дека припадноста не се брише. Дека коренот останува, дури и кога над него дуваат силни ветрови. И дека постојат луѓе што не чекаат благодарност, туку само можност да продолжат онаму каде што другите би се откажале, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски, во обраќањето на Македонскиот фолклорен фестивал Преспа во Општина Пустец, во Албанија.

„Ви благодарам што ја носите таа тишина исполнета со сила. Ви благодарам што останавте свои. И ви ветувам, оваа држава ќе знае да ви возврати со почит, со работа и со постојана поддршка. Да живее секој кој со достоинство го чува својот идентитет. Да живее заедништвото што не признава граници, туку само вистински вредности“ истакна Мицкоски.

Во последно време, продолжи Мицкоски, „сме сведоци како се обидуваат да не негираат, надсинхронизираат, да не направат модерни, да не бришат, да се обидуваат сето она што е македонско да го оспоруваат“.

„Но она што го гледам и она што го чувствувам во Пустец за мене е голема инспирација да продолжиме да ги поддржуваме Македонците насекаде во светот и да покажеме дека сме Македонци, со многувековен посебен идентитет, кои говорат на свој мајчин јазик, различен од сите балкански јазици. Ние сме горди Македонци и ќе останеме да бидеме“ истакна Мицкоски.

Нагласувајќи пред присутните дека тие се лојални граѓани на Албанија, тој им порача дека во него и во Владата може да гледаат брат и пријател, како и дека може да сметаат на помош за се што им е потребно.

„Македонија по седум години национално понижување и ограбување од политичари кои за среќа сега се минато, овие 13-14 месеци доживува и економска и национална ренесанса. Ние не сме ниту Грци, ниту Бугари, ниту Срби, туку сме Македонци, во Албанија и насекаде во светот“рече Мицкоски.

Во обраќањето пред жителите на Пустец и Мала Преспа нагласи оти верува дека дека една нација ја чини токму ова, врската меѓу луѓето кои ја чувствуваат како своја, без разлика каде живеат.

„И кога сме блиску и кога сме далеку, кога сме во татковината или надвор од неа, чувството, идентитетот, припадноста остануваат исти. Вашето место во оваа приказна е посебно. Не само затоа што географски сме во различни држави, туку затоа што по сè друго сте длабоко во срцето на нашата татковина. Вие сте синоними за истрајност, за тивка лојалност, за истовремено достоинство и скромност. И кога никој не ве прашувал, и кога не ве спомнувале, вие останавте тоа што сте. И останавте лојални на државата во која живеете“рече Мицкоски.

Додаде дека изминатите децении, многу работи се менувале, политики, влади, граници, но тие останале доследни.

„Овде, македонскиот јазик не е нешто што се одржува по навика, туку нешто што се пренесува со љубов. Овде, песната, обичаите, спомените, се дел од животот, секојдневие. Токму затоа, постои чувство на длабока почит кога човек ќе дојде овде. Не од формалност, туку од убедување. Жалам што пропагандите што го следат Македонецот низ историјата не ве заобиколија. Ги видовте, ги почувствувавте, ги живеевте, преку замени, преку притисоци, преку тивки, но упорни обиди да се разниша она што е ваше. Но уште повеќе, горд сум што не потклекнавте. Не ја прифативте удобната заборавеност. Не се срамевте од себе. Не дозволивте никој да ви го дефинира идентитетот наместо вас. И за тоа ви се поклонувам“,рече премиерот.

Нагласи дека една држава ја покажува својата зрелост преку тоа како се однесува со оние што не ѝ се во центарот и додаде дека денеска сакаат да покажат дека учат од минатото.

 

ПредходнаМојсова се сретна со противкандидатот за градоначалник на Карпош, Лукровски
СледнаДенес средбата меѓу Трамп и Стармер, теми од трговскиот договор до кризата во Газа