дома Локално НЕ стивнува шумскиот пожар кај Крива Паланка – зафатени над 100 хектари...

НЕ стивнува шумскиот пожар кај Крива Паланка – зафатени над 100 хектари борова шума, огнот се шири кон Србија

Пожар со големи размери беснее во атарот на село Нерав, Крива Паланка, зафаќајќи над 100 хектари борова шума и проширувајќи се кон територијата на општина Ранковце (село Герман), како и кон општина Трговиште во Република Србија.

Како што информираат од Општина Крива Паланка, огнената стихија била пријавена од локалното население во текот на денешниот ден, по што веднаш се активирани повеќе служби и екипи за справување со пожарот.

Во гаснењето се вклучени екипи од Територијалните противпожарни единици на Крива Паланка, Ранковце и Трговиште (Р. Србија), како и вработени од ЈП „Македонски шуми“ – Подружница Крива Паланка и жители од селата Нерав и Трговиште.

 Според последните  проценки, опожарена е површина од околу сто хектари борова шума.

– Непристапниот терен и ветерот се главната причина што речиси и по триесет часа откако избувнал пожарот,да не можеме да го локализираме. Денес моравме да евакуираме и население и стока за да ги спасиме, за среќа спречивме ширењето да се направи кон куќите, но во овој пожар во повеќе наврати животите на пожарникарите,на моите колеги и на другите вклучени во гасењето, беа во опасност поради неконтролирано ширење и префрлање на пламените јазици. За жал дождот го заобиколи селото и не беше баш сојузник, така што, сѐуште сме на терен и очекуваме во секој момент да пристигнат и армиските сили за помош во справувањето со огнената стихија, изјави во телефонски разговор командирот на ТППЕ Крива Паланка, Коцевски.

Од Општина Крива Паланка апелираат до граѓаните да се воздржат од движење во шумски и планински предели, како и строго да ги почитуваат упатствата на надлежните служби, со цел да се заштити нивната безбедност и да се олесни работата на екипите на терен.

Локалната самоуправа останува во постојана координација со сите релевантни институции и ќе ја информира јавноста за развојот на ситуацијата.

ПредходнаВо десет градови бесплатен и анонимен скрининг по повод Светскиот ден за борба против хепатитисот
СледнаМојсова се сретна со противкандидатот за градоначалник на Карпош, Лукровски