Една жена од САД останала вчудоневидена откако по неколку години дознала дека приврзокот што го купила за само еден долар во продавница за половна облека всушност има многу поголема вредност. Сара Блекстон налетала на парчето накит во продавницата „Cedar Glen Thrift and Collectibles“ во градчето Лејк Ероухед, Калифорнија, и веднаш ѝ го привлекло вниманието.

Блекстон е само една од милионите Американци кои ги посетуваат продавниците за половна облека и предмети во потрага по уникатни и поволни зделки. Ваквите места честопати кријат вистински „скриени богатства“ – од заборавени семејни наследства до вредни винтиџ предмети со непроценлива историја.
Иако веднаш почувствувала дека станува збор за нешто посебно, Блекстон подолго време не била свесна за вистинската вредност на приврзокот.
„Кога се вратив дома, го ставив на тенко сребрено синџирче и повремено го носев. Мислев дека е златен и внимателно се однесував со него, но не знаев колку е вреден ниту колку е чисто златото“, изјавила таа.

Вистината излегла на виделина дури неколку години подоцна, кога решила да продаде неколку парчиња скршен накит. „Местото каде што ги однесов ми понуди пари веднаш – 240 долари само за приврзокот. Бев изненадена и сфатив дека треба да направам вистинска проценка“, вели Блекстон.
За да дознае повеќе, Сара објавила фотографија од приврзокот на платформата „Редит“, каде што побарала помош од заедницата за идентификација на накит.
Онлајн заедницата брзо реагирала. Во рок од неколку часа, ентузијастите откриле дека парчето е дело на домородниот златар од Алјаска, Ралф Горичаназ. Поттикната од ова откритие, Блекстон го однела приврзокот на официјална проценка. Потврдено било дека станува збор за 6,3 грама 14-каратно злато.

Еден од корисниците пресметал дека само вредноста на златото за топење изнесува околу 372 долари, но потенцирал дека како уметничко дело приврзокот би можел да вреди значително повеќе. Блекстон сега е во контакт со самиот уметник, надевајќи се дека ќе дознае повеќе за историјата и потеклото на ова уникатно парче.
Иако точната вредност сè уште не е утврдена, за Сара нема дилема – ова е нејзиното најдрагоцено откритие досега.
„Досега сум нашла многу интересни работи во продавници за половна облека, но ова навистина беше целосно неочекувано. Дефинитивно најдобриот пронајдок во мојот живот“, вели таа со насмевка.




