Американскиот секретар за здравство и човечки услуги, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, денес изјави дека ќе работи на „поправање“ на програмата што ги обесштетува жртвите од повреди од вакцинација, во рамките на Националната програма за компензација на повреди од вакцинација (VICP).

Кенеди, долгогодишен скептик за вакцините и поранешен адвокат на тужителите за повреди од вакцини, ја обвини програмата и нејзиниот таканаречен „Суд за вакцини“ за корупција и неефикасност во објава на платформата X, објави Ројтерс.
„Нема да дозволам VICP да продолжи да го игнорира својот мандат и да не успее во својата мисија за брзо и праведно обештетување на повредените лица од вакцината“, рече Кенеди.
Тој додаде дека соработува со американската државна обвинителка Пам Бонди.
„Заедно, ќе го вратиме Судот за вакцини на неговата првобитна конгресна намена“, нагласи Кенеди.
Тој рече дека сега подносителите на барањето се ставени во неповолна положба бидејќи Министерството за здравство и човечки услуги, кое тој го води, е тужено, за разлика од производителите на вакцини.
Промената на VICP би била најновата во низата далекусежни акции на Кенеди за преобликување на американската регулатива за вакцини, храна и лекови.
Во јуни, тој ги отпушти сите 17 членови на Советодавниот комитет за практики на имунизација на Центрите за контрола и превенција на болести, панел од експерти за вакцини, и ги замени со седум внимателно избрани членови, вклучувајќи ги и добро познатите скептици за вакцините.




