Општините од Југозападниот и Пелагонискиот регион ќе добијат 83 возила и друг вид опрема за комунален отпад. Целта е да се воспостави современ функционален и еколошки безбеден систем за управување со отпад по европски стандарди. Договорите за набавката на опремата во вредност од 10,7 милиони евра беа потпишани денеска во Владата. Набавката е дел од реализацијата на Регионалниот проект за управување со цврст отпад.
Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити изјави дека станува збор за најголема комунална набавка со која 18 општини ќе добијат механизација за собирање, транспорт и одлагање на отпад.
– Се обезбедува сеопфатна механизација, контејнери, канти, специјализирани камиони, скип лифтови и кипер возила, се што е потребно за ефикасно собирање, транспорт и одлагање на отпад од страна на комуналните претпријатија во општините во согласност со европските стандарди, рече Меџити.
Тој се заблагодари за финансиската поддршката за реализација на проектот од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), со дополнителна помош од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO), Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и Владата на Шведска преку СИДА.