Најновото печатено издание на списанието „Вог“ содржи реклама за модната куќа „Гес“ во која се појавува модел кој изгледа беспрекорно – висока, слаба, русокоса, совршено стилизирана. Но, она што многумина не го забележаа веднаш беше малиот натпис во аголот на фотографијата: „Моделот не е вистинска личност, туку е создаден со употреба на вештачка интелигенција“.

Рекламата предизвика вистинска лавина од критики на социјалните мрежи, при што бројни модни експерти, активисти и вистински модели предупредуваат дека тоа може да биде чекор назад за целата индустрија.
Совршено – затоа што не постои
Рекламата за летната колекција на „Гес“ е од агенцијата „Серафин Валора“, чии основачи, Валентина Гонзалез и Андреа Петреску, тврдат дека биле контактирани од „Гес“ преку Инстаграм со идејата да користат модели со вештачка интелигенција во кампањата. Од десетте создадени прототипови, луксузниот бренд избрал две жени, една русокоса и една бринета, кои беа дополнително развиени како „лица на кампањата“.
„Луѓето мислат дека ова е едноставно, но всушност тоа е сложен процес што може да трае и до еден месец“, соопшти компанијата. Цените за таква услуга можат да достигнат шестцифрена бројка, објавува Би-би-си.
Иако моделот со вештачка интелигенција не се појавува во уредничкиот дел на „Вог“, туку само во реклама, многумина беа вознемирени од фактот што воопшто се појавил во престижниот моден магазин.
A post shared by Seraphinne Vallora (@seraphinnevallora)
Вистинските модели бесни: „Обесхрабрувачки и страшно“
Познатата британска плус-сајз манекенка, Фелисити Хејворд, изјави дека смета дека користењето на модели со вештачка интелигенција во модна кампања е „мрзлив и евтин потег“.
„Или сакаат бесплатно рекламирање преку контроверзии, или едноставно штедат пари. Во двата случаи, тие не размислуваат за последиците“, рекла таа.
Особено ја погоди фактот што „Вог“, кој често се фали со својата инклузивност, одлучи да ја објави рекламата.
„Обесхрабрувачки е, дури и малку страшно. Ова е уште еден удар за сите нас кои со години работиме на различноста во модната индустрија“, додала таа.
Компанијата: „Ние не промовираме нереална убавина“
Компанијата „Серафин Валоре“ вели дека не сакале да создадат „идеализирана убавина“, туку модел кој изгледа реалистично.
„Сите реклами се обидуваат да прикажат совршенство. Ние не сме ништо поинакви од тоа“, рекла Петреску.
Сепак, тие признаваат дека нивните најпопуларни модели со вештачка интелигенција најчесто имаат светла кожа, руса коса и тенки црти на лицето. Тие велат дека се обиделе да објават слики од жени со вештачка интелигенција со потемна кожа, но дека таквите објави едноставно „не поминуваат“ – корисниците не ги лајкуваат, коментираат или споделуваат.
„На крајот на денот, ние сме компанија и објавуваме што предизвикува реакции“, искрено одговорила Гонзалез.
Кога ги прашале зошто не прикажуваат жени со облини, тие одговараат дека технологијата „сè уште не е доволно напредна“.
Поранешната манекенка и технолошка претприемачка Синеад Бовел предупредува на уште еден проблем: моделите со вештачка интелигенција не се само нереални – тие се целосно измислени.
„Луѓето веќе се подложуваат на козметички операции за да изгледаат како филтри на социјалните медиуми. А сега имаме модели кои не се вистински. Како да се бориме против тоа?“, рекла таа.
Таа е особено загрижена за младите девојки кои секојдневно ги консумираат овие слики. Таа предупредува дека ако моделите со вештачка интелигенција не се јасно етикетирани, многумина ќе мислат дека се вистински жени – дополнително поттикнувајќи несигурност, лоша слика за телото и проблеми со менталното здравје.
„Не е фер. Убавината се дефинира од нешто што не постои“, заклучила Бовел.
Што значи ова за вистинските луѓе во индустријата?
Освен што ги загрозуваат вистинските модели, моделите со вештачка интелигенција би можеле да влијаат и на остатокот од модната индустрија – стилисти, фотографи, шминкери, продукција.
Сара Зиф, поранешна манекенка и основач на „Модел Алијансата“, тврди дека потегот е помалку за иновации, а повеќе за заштеда на трошоци.
Агенцијата „Серафина Валоре“ ги отфрла овие тврдења и вели дека тие не сакаат да ги заменат луѓето, туку да понудат друга опција на брендовите. Но, исто така, на нивната официјална веб-страница е наведено како една од главните предности на соработката: „Нема потреба од скапи сетови, патни трошоци, шминкери и модели“.




