Позитивниот рејтинг на одобрување на американскиот претседател Доналд Трамп падна за еден процентен поен, на 40 проценти, што е најниско ниво во неговиот втор мандат, објавија денес американските медиуми, повикувајќи се на резултатите од анкетата на Ројтерс/Ипсос.
Како што објави Ројтерс, анкетата покажа дека Американците остануваат многу загрижени за економската политика и ставот на Трамп кон имиграцијата.
Тридневната анкета, која заврши во понеделник, опфати 1.023 возрасни Американци низ целата земја и имаше маргина на грешка од три процентни поени.
Резултатот покажа дека Америка е длабоко поделена во својот став кон Трамп, при што 83 проценти од републиканците, три проценти од демократите и околу 33 проценти од независните гласачи го одобруваат неговиот претседателски настап.
Во претходната анкета на Ројтерс/Ипсос спроведена на 15 и 16 јули, рејтингот на Трамп беше 41 процент.




