Данската кралица Мери, родум од Тасманија, беше фатена во незгоден момент пред многубројна публика за време на официјална прошетка во местото Грастен, откако ја избоде оса среде кралска свеченост, пишува „Скај њуз“.

Кралицата (53) се поздравуваше со насобраните граѓани заедно со сопругот, кралот Фредерик X (57), и нивните деца – принцезата Изабела (18) и принцот Винсент (14) – во чест на официјалниот почеток на летниот одмор на кралското семејство во палатата Грастен, во јужниот дел на Јиланд.
Во својот говор, кралот Фредерик потврди дека нивниот најстар син, престолонаследникот Кристијан (19), како и сестрата-близначка на Винсент, принцезата Жозефина, ќе им се придружат во палатата во наредните денови.
Облечена во фустан со принт во пајсли стил, кралицата Мери со насмевка примаше цвеќе и се поздравуваше со присутните, сè додека не дојде до неочекуван инцидент. За време на формалниот дел на сцената, таа одеднаш се стегна од болка и ја фати ногата, очигледно вознемирена од убодот.
Нејзините деца веднаш се собраа околу неа, а кралот Фредерик ѝ притрча. Мери гестикулираше кон небото, објаснувајќи дека е избодена од оса, додека ја триеше ногата. Обезбедувањето веднаш ја одведе во блискиот хотел „Дет Гамле Родхус“, каде што се повлече за кратко време.
Снимките од моментот брзо се проширија на социјалните мрежи.
„За жал, кралицата Мери беше избодена од оса (но се справи со тоа како вистински шампион). Ѝ посакувам брзо закрепнување“, напиша еден корисник.
„Децата се толку воспитани и љубезни. А Мери, иако беше избодена, повторно излезе меѓу народот – вистинска дама!“, коментира друг.
„Нашата Мери е навистина една цврста Австралијка!“ се додава во уште еден коментар.




