Поранешниот канадски премиер Џастин Трудо повторно беше виден во друштво на поп-ѕвездата Кети Пери, овојпат меѓу публиката на нејзиниот распродаден концерт од турнејата „Лајфтајмс“, одржан во арената Бел Сентр во Монтреал, пишува „Пипл“.

Во опуштено издание со црна маичка, Трудо (53) беше забележан како насмеано ужива во настапот на Пери (40), според фотографии што кружат на социјалните мрежи.
Настанот следува само два дена по нивното заедничко појавување во јавност – Трудо и Пери беа фотографирани на прошетка низ парк во Монтреал со мало куче, а потоа вечераа во познатиот ресторан „Ле Вилон“.
Од ресторанот за американски медиуми изјавија дека двајцата изгледале опуштено и весело, и лично му се заблагодариле на готвачот Дени Смајлс, како и на целиот персонал по вечерата.
„Беа навистина љубезни и пристапни, вистинско задоволство беше да ги угостиме“, изјави портпарол на ресторанот.
Овие средби доаѓаат во момент кога интересот за нивната релација расте, особено откако Кети Пери минатиот месец ја прекина свршувачката со актерот Орландо Блум, со кого имаше деветгодишна врска со прекини.




