Претседателот на израелскиот парламент, Кнесетот, Амир Охана, ги осуди плановите за признавање на палестинска држава за време на својот говор на Светската конференција на претседатели на парламенти на земјите-членки на Меѓупарламентарната унија (ИПУ) во Женева.
Охана предупреди дека признавањето на палестинска држава „го наградува Хамас“ и дека тоа нема да донесе стабилност, коегзистенција и соработка, туку само ќе предизвика понатамошно насилство, пишува „Џерусалем пост“.
„Ако сакате она што го нарекувате палестинска држава, изградете ја во Лондон, Париз, во вашите земји“, рече Охана, истакнувајќи дека ваквите потези водат само до убивање на Израелци и Евреи.
Неговиот говор предизвика протести од претставниците на Иран, Јемен и Палестинската самоуправа, кои ја напуштија салата додека Охана зборуваше, минувајќи пред подиумот.
За време на својот говор, Охана покажа снимка од иранскиот парламент на која се гледаат ирански пратеници како скандираат: „Смрт за Израел, смрт за Америка“ по усвојувањето на законот за прекин на врските со Меѓународната агенција за атомска енергија.
„Ова не е снимка од подземна терористичка ќелија. Ова е официјалниот парламент на Исламската Република Иран кој отворено повикува на уништување на две суверени држави“, истакна Охана.
Тој го осуди и претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, кој за време на својот говор на конференцијата покажа фотографија од „Њујорк тајмс“ на која се гледа гладно дете во Газа.
Израел подоцна објави дека детето има церебрална парализа, а „Њујорк тајмс“ ја измени статијата за да ја додаде таа информација.
„Дури и „Њујорк тајмс“ го призна тоа денес. Но, Галибаф ќе ја искористи секоја клевета што ќе му ја достават лажните медиуми. Срам да ви е“, рече Охана.
Охана, исто така, во својот говор апелираше за враќање на заложниците, истакнувајќи дека Хамас во моментов држи како заложници 50 израелски граѓани.
„Тие гладуваат, мачени се, се плашат, сами се, во темните тунели на Газа. Ве молам да се залагате за вистината пред пропагандата, за совеста пред практичноста. Застанете на вистинската страна на историјата – на нашата страна“, заклучи Охана.