Нов вид инсект-гранка, наречен Acrophylla alta, е откриен на платото Атертон во северен Квинсленд, Австралија. Научниците велат дека неговото необично големо тело – долго 40 сантиметри и тешко 45 грама, што е речиси колку топче за голф, што можеби го прави најтешкиот инсект во Австралија, пишува „Гардијан“.

Во рецензирана студија објавена во научното списание „Зутакса“, се наведува дека овој инсект-гранка е веројатно потежок дури и од џиновската бубачка што природно се среќава во Квинсленд и досега важеше за најтешкиот инсект во земјата.
Истражувачот од Универзитетот Џејмс Кук, професорот Ангус Емот, објаснува дека објава на социјалните мрежи одиграла клучна улога во откритието. Неговиот колега и коавтор на студијата, Рос Купланд, добил фотографија од инсектот и веднаш претпоставил дека се работи за нешто ново.
По бројни ноќни потраги, двајцата научници успеале да пронајдат голема женка на инсектот помеѓу местото Мила Мила и планината Хипипаме. Инсектот се наоѓал високо на дрво, па морале да користат долг стап за да го симнат.
Кога Купланд ја погледнал одблиску женката, веднаш знаел дека станува збор за нов вид. Тие ја пренеле во куќата на професорот Емот на платото Атертон, каде што ја сместиле во кафез, ја хранеле и собирале нејзини јајца за понатамошно истражување.
Што се инсекти-гранки?
Phasmatodea (инсекти-гранки, инсекти-листови или паличњаци) се ред на инсекти кои се познати по својата способност за мимикрија, односно по изгледот кој наликува на гранки, лисја, лишаи или шумски отпад. Овој ред брои над 3.000 современи видови, најчесто распространети во тропските и суптропските предели на светот.
„Кај инсектите-гранки секој вид има различни јајца“, објаснува професорот Емот и додава дека веројатно досега видот не бил откриен бидејќи живее високо во крошните на дрвјата.
„Освен ако не ве изненади циклон или некоја птица не го спушти долу, многу малку луѓе би го виделе“, вели тој.
Според него, непристапното живеалиште можеби објаснува и зошто инсектот е толку голем – телесната маса му помага да преживее во студената и влажна околина во која живее.
Следниот чекор е да се најде мажјак од истиот вид, што се покажало како особено тешко. Не само поради нивната способност да личат на гранчиња, туку и затоа што се значително помали и визуелно се разликуваат од женките – толку многу што понекогаш се класифицирани како сосема различни видови, дури и родови.
„Навистина треба да го фатите мажјакот во моментот кога се пари со женката, само тогаш може со сигурност да се потврди дека се од истиот вид“, вели Емот.
Сè уште не се опишани 70 отсто од инсектите во Австралија
Никол Гантер, експертка за ентомологија од Музејот на Квинсленд, истакнува дека ова откритие пополнува важна празнина во знаењето за биодиверзитетот во Австралија. Таа додава дека сè уште има многу што да се открие за големите австралиски инсекти.
„Ако не знаеме дека еден вид постои или каде се наоѓа, не можеме ниту да го заштитиме“.
Гантер додава дека новооткриениот вид досега е забележан само на неколку шумски локации во влажниот тропски регион на Квинсленд. Идните истражувања би можеле да помогнат научниците подобро да ја разберат неговата распространетост и потенцијалните закани за неговиот опстанок.




