На денешен ден во 1975 година, беа потпишани Хелсиншкиот договор, или Хелсиншкиот завршен акт, со кој сите европски земји, освен Албанија, заедно со САД, Канада и Советскиот Сојуз, се согласија по темата за меѓусебните односи и европската безбедност.
На врвот на периодот на деескалација на Студената војна во 1970-тите, финскиот претседател Урхо Кеконен беше домаќин на самит меѓу САД и Советскиот Сојуз, на кој американскиот претседател Џералд Форд, советскиот лидер Леонид Брежњев и други потпишаа историска декларација за посветеност на мирот, контактите Исток-Запад, европската безбедност и човековите права.
Овој процес ја обликуваше геополитичката архитектура на поширокиот европски континент и ги постави темелите за она што ќе стане Организација за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) по падот на СССР.
Хелсиншкиот договор ја призна неповредливоста на границите во Европа по Втората светска војна, а 35-те држави потписнички се обврзаа да ги почитуваат човековите права и основните слободи, како и да соработуваат во економската, научната, хуманитарната и друга област. Сепак, Хелсиншкиот договор правно нема статус на договор и не ги обврзува (освен морално) неговите потписници да го почитуваат.