Едно лице загина, а тројца се повредени во сообраќајна несреќа предизвикана од Беверли Ивон Слотер, инфлуенсерка од Флорида, која избегала од местото на несреќата.

Според налогот за апсење добиен од новинарите на списанието „Пипл“, на 29 април, малку по еден час по полноќ, инфлуенсерката поминала на црвено светло и удрила во друго возило. Сообраќајната несреќа била снимена од камерите за надзор на блискиот „Мекдоналдс“. По судирот, Слотер го напуштила местото на несреќата пеш. Полицаецот успеал да ја стигне, а во својата изјава навела дека „нејзиното момче ѝ рекло да бега“.
Слотер и четирите жртви од другото возило биле итно префрлени во медицинскиот центар „Бровард Хелт“. Еден од патниците починал четири дена подоцна откако бил исклучен од апаратите за одржување во живот.
Против инфлуенсерката се поднесени дури 14 обвиненија, вклучувајќи убиство од небрежност со возило, напуштање на местото на несреќата со тешки телесни повреди и возење со суспендирана возачка дозвола.
Судските документи откриваат дека нејзината возачка дозвола била суспендирана уште во 2021 година, како и дека претходно била осудена двапати за возење со суспендирана дозвола, возење во пијана состојба, бегство од полиција и несовесно возење – сите во 2023 година.
Влијателната личност треба да се појави пред судијата во петок, 1 август, во 11 часот, објави Телеграф.




