Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, денеска на прес-конференција информираше за деталите од седницата на Советот за безбедност, која траела повеќе од два и пол часа.

На дневниот ред се нашле три значајни точки:
– Глобалните безбедносни предизвици и нивното влијание врз Македонија и регионот
– Климатските промени и зачестените пожари
– Состојбата со евроинтеграцијата по донесувањето на Резолуцијата за Македонија
„Имавме бурна дискусија, но сите членови се согласија дека безбедносната состојба во земјава е стабилна и под целосна контрола. Не се очекуваат сериозни безбедносни закани“, изјави Сиљановска.
Во врска со климатската криза и пожарите, таа нагласи дека проблемот не е само национален, туку и регионален.
„Има сомневања дека дел од пожарите не се последица на високите температури, туку се намерно подметнати. Но додека трае предистражната постапка, сето тоа останува на ниво на претпоставки“, посочи претседателката.




