Двајца поранешни пратеници стануваат амбасадори во Ријад и во Копенхаген, додека во Стокхолм и Тирана заминуваат двајца поранешни амбасадори.
Телма од дипломатски извори дознава дека пред 15-тина дена на владина седница поминале четири имиња за идни амбасадори и тоа во новоотворената амбасада во Саудиска Арабија заминува Салим Сулејмани, кој во мај поднесе оставка како пратеник и се повлече од сите функции во Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, една недела откако партијата се повлече од власта. Објавата дека Македонија ќе отвора амбасада во Ријад дојде три дена подоцна.
Поранешниот пратеник од БЕСА, Фадил Зендели, пак, ќе го пополни амбасадорско место во Данска. Иден амбасадор во Шведска ќе биде Ивица Боцевски, кој порано беше амбасадор во Бразил, а во Тирана заминува Веле Трпевски, кој пред повеќе од 10 години беше амбасадор во Албанија, а потоа во Австралија. Со пополнување на овие амбасади ќе останат испразнети уште 10-тина амбасадорски места, меѓу кои и тоа во Атина, за каде како извесен иден амбасадор се споменува името на сопственичка и извршна директорка на позната ПР-агенција, посочува Тв Телма.