Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека царините за увоз на фармацевтски производи би можеле да достигнат и до 250 проценти.
Тој во интервју за CNBC изјави дека почетните царини за лекови нема да бидат високи, но дека планот е постепено да се зголемат на 150 проценти во рок од 12 до 18 месеци, а потоа на 250 проценти.
„Сакаме лекови произведени во нашата земја“, рече Трамп, нагласувајќи дека целта е да се врати фармацевтското производство во САД.
Тој истакна дека веќе ги повикал 17 од најголемите фармацевтски компании да ги понудат своите лекови на американскиот систем Медикејд до 29 септември по најниски цени што ги нудат во развиените земји.
Фармацевтската индустрија предупредува дека високите царини би можеле да ги зголемат трошоците, да ги обесхрабрат инвестициите и да го нарушат синџирот на снабдување, што би ги загрозило пациентите и би го намалило финансирањето за истражување и развој. Во изминатите шест месеци, „Ели Лили“ и „Џонсон и Џонсон“ најавија нови инвестиции во САД со цел да ги добијат симпатиите на Трамп, потсетува американскиот медиум.




