дома Свет Балкан Триесет години од aкцијата „Олуја“: Меѓусебното признавање на жртвите е тешко

Триесет години од aкцијата „Олуја“: Меѓусебното признавање на жртвите е тешко

„Олуја“ за Србите е Ден на сеќавање, а за Хрватите – Ден на победата

Фото: Wikimedia commons/IvanOS

Поминаа 30 години од акцијата „Олуја“, во која од своите домови во Хрватска беа протерани над 220.000 крајишки Срби, пренесува „Н1“. Во таа и уште пет воени операции, беа убиени 1.170 цивили, од кои 1.055 од српска и 60 од хрватска националност, 918 војници и 228 лица со мешан статус – тоа се најновите и досега најцелосни податоци што пред годишнината ги објави невладината организација „Документа“ од Загреб.

Додека регистарот на жртви сè уште се пополнува, а пресудите за злосторствата изостануваат, „Олуја“ за Србите е Ден на сеќавање, а за Хрватите – Ден на победата.

Весна Тершелич, која е на чело на невладината организација „Документа“, за „Н1“ оцени дека нивната методологија на работа е таква што ги потврдуваат податоците од сите објавени извори и дека спровеле повеќе од 8.000 интервјуа, од кои 1.700 се однесуваат на сведоци и преживеани од „Олуја“.

„Многу ни е важно да испратиме порака да ни се јавуваат луѓе, бидејќи, посебно за жртвите од српска националност, степенот на потврденост е релативно низок – од вкупниот број имиња, околности на страдање и податоци што ги забележавме, имаме целосна потврденост само за 64 отсто. Кај жртвите од хрватска националност, пак, имаме потврденост од 96 отсто, и би рекла дека имињата и описите на околностите на страдањето претставуваат своевиден споменик“, наведува таа.

Хрватска го слави Денот на победата и благодарноста кон татковината

По повод годишнината, Амбасадата на Република Србија во Скопје објави соопштение во кое потсетува на страдањата на српскиот народ и на демографската катастрофа што ја предизвика операцијата.

Во соопштението се вели дека во само неколку дена, од подрачјата на Банија, Лика, Кордун и северна Далмација – територии на поранешната Република Српска Краина – биле протерани повеќе од 250.000 Срби, принудени да ги напуштат своите вековни огништа.

Сѐ уште не е прецизно утврден бројот на жртви, но на списокот на загинати и исчезнати се наоѓаат 1.852 лица. Уништен е огромен број домови и објекти: над 25.000 куќи, 13.000 други објекти, 78 православни цркви и 181 православни гробишта. Цели заедници биле избришани од просторите каде што со векови живееле.

Според податоците на Амбасадата, пред војната, во 1991 година, во Хрватска живееле над 580.000 Срби (12,2% од населението), додека според пописот од 2021 година нивниот број се намалил на само 123.892 (3,2%).

„ДОДЕКА СРБИЈА И РЕПУБЛИКА СРПСКА ОВОЈ ДАТУМ ГО ОБЕЛЕЖУВААТ КАКО ДЕН НА СЕЌАВАЊЕ НА НАСТРАДАНИТЕ И ПРОГОНЕТИТЕ СРБИ, ВО ХРВАТСКА ТОЈ СЕ СЛАВИ КАКО ‘ДЕН НА ПОБЕДАТА’ – КОНТРАСТ ШТО НАЈБОЛНО СВЕДОЧИ ЗА ДЛАБОЧИНАТА НА ТРАГЕДИЈАТА И ПРЕДИЗВИЦИТЕ ВО ПРОЦЕСОТ НА ВИСТИНСКО ПОМИРУВАЊЕ,“ СТОИ ВО СООПШТЕНИЕТО.

ПредходнаМинистерството за правда започнува истрага за наводниот заговор „Русијагејт“ во кој е вклучен Трамп
СледнаМедиуми: Најмалку седум убиства во Холандија нарачани од темната мрежа