Ако вашето куче ве поздравува со истегнување веднаш штом ќе влезете на врата по напорен ден на работа, сметајте го тоа за вистински комплимент. Според докторот по ветеринарна медицина Алекс Кроу, ова е јасен знак дека вие сте сè за вашиот миленик – особено кога истегнувањето е придружено со испружени предни шепи, подигнати колкови и мавтање со опашката.
„Тоа не е случајност – кучето се истегнува како поздрав“, вели Кроу во видео на ТикТок.
Како што пренесува порталот „Гетсари“, ова не е обично протегање по дремка, туку израз на среќа, безбедност и опуштеност, знак дека му е драго што сте се вратиле дома.
Иако кучињата понекогаш се истегнуваат за да ги опуштат мускулите, ако тоа го прават веднаш откако ќе ве видат, најчесто значи дека се радосни. Тоа е нивната верзија на пријателски поздрав, а ако некогаш сте реагирале со пофалба, веројатно сте го поттикнале тоа однесување.
Сепак, не секое истегнување е знак на наклонетост. Доколку стомакот на кучето е многу блиску до подот, тоа може да укажува на нелагодност или болка. Затоа внимателно следете го неговото однесување и консултирајте се со ветеринар доколку забележите нешто необично.
Во коментарите на видеото, многу сопственици потврдиле дека нивните кучиња секогаш се истегнуваат кога ќе ги видат, особено по спиење. Некои дури напоменаа дека слично однесување имаат и мачките.
Животните, исто како и луѓето, понекогаш чувствуваат потреба да ги истегнат мускулите, особено по подолг одмор. Но понекогаш истегнувањето е и знак дека им недостига внимание или стимулација. Во тие случаи, прошетка или активност во домот или дворот може да биде корисна.
Сепак, пречестото истегнување може да укажува и на проблем, како на пример болка во мускулите или зглобовите, особено ако кучето се фокусира на истегнување на одреден дел од телото или се движи побавно. Ова може да биде симптом на артритис, што бара ветеринарен преглед.
Ако кучето има болка во стомакот, може да се истегне со подигнат задник, спуштен преден дел и со телото залепено за подот. Доколку истовремено и цвили, одбива мажење или се витка на начин кој укажува на болка, тоа е уште еден знак дека треба итно да се консултирате со ветеринар.
Кога кучето се истегнува, тоа е честопати неговиот начин да каже „добредојде дома“. Но, кога истото однесување изгледа невообичаено, секогаш е добро да се внимава и да се побара стручна помош.