Турските власти уапсија млад турски ЛГБТК+ активист поради неговите критики во странство за репресијата врз противниците на режимот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган
.
Активистот Енес Хоџаогулари, 23, одржа говор во Стразбур во март критикувајќи го полициското насилство, апсењата и демократското уназадување во Турција, објави Ројтерс.
„Има доволно млади. Подготвени сме да излеземе на улиците за да ги вратиме нашите слободи“, рече Хоџаогулари во тоа време.
Тој беше уапсен во вторник вечерта на аеродромот Есенбога во Анкара по пристигнувањето од Франција и сега чека судење по обвинение за „јавно ширење лажни информации“ и „поттикнување омраза и непријателство“, според судски документ што го виде Ројтерс.
Главниот јавен обвинител во Анкара рече дека изјавите дадени од Хоџаогулари во март оваа година за притворените градоначалници на опозицијата, вклучувајќи го и градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, се основа за покренување на судењето.
Според Ројтерс, главните политички противници на Ердоган се соочуваат со невидена репресија во која во последните девет месеци се приведени повеќе од 500 лица.
Турскиот претседател тврди дека апсењата имаат за цел борба против корупцијата, но конгресот на локалните власти за човекови права на Советот на Европа денес изјави дека обвиненијата против Хоџаогулари се одмазда за она што го кажал активистот и побара негово итно ослободување.