Официјални претставници на САД и Русија работат на постигнување договор што би ја запрел војната во Украина и би ја потврдил руската контрола врз териториите што Москва ги окупирала од почетокот на инвазијата, пишува денес Блумберг, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.

Според овие извори, подготовките за евентуален самит меѓу претседателот Доналд Трамп и Владимир Путин, планиран за следната недела, се во тек, а Вашингтон се обидува да обезбеди согласност од Украина и нејзините европски сојузници.
Според Блумберг, Путин бара Украина да го предаде целиот источен регион Донбас на Русија, како и Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.
Како дел од договорот, Русија се обврзала да ја запре офанзивата во регионите Херсон и Запорожје, додека останува на сегашните линии на фронтот, велат изворите на Блумберг, додавајќи дека договорот е сè уште во фаза на преговори и дека деталите може да се променат.
Во исто време, Украина бара безбедносни гаранции за какво било прекин на огнот, додека сојузниците повикуваат на одржување на економскиот притисок врз Русија преку санкции.
Трамп сè уште не воведе директни мерки против Москва, но оваа недела ги дуплираше царините за индиската стока на 50 проценти како одговор на купувањата на руска нафта.
САД претходно понудија да го признаат Крим како дел од Русија како дел од евентуален договор, како и да отстапат контрола врз делови од други украински региони, додека контролата врз делови од Запорожје и Херсон би ѝ била вратена на Украина, забележува Блумберг.




